Шефот на австриската дипломатија, Александар Шаленберг, изјави дека потенцијалната депортација на сириските граѓани од Австрија може да започне само кога ќе се стабилизира ситуацијата во Сирија, но дека засега е невозможно да се предвиди кога тоа би можело да се случи.
-Најнормална и најразумна работа на светот е да се каже дека тоа ќе го направиме што е можно поскоро. Не знам кога ќе биде. Можете ли да видите во иднината?, изјави Шаленберг, пренесен од британските медиуми.
Тој посочи дека ќе биде потребно време за да се разјасни ситуацијата во Сирија, предупредувајќи на „либиско сценарио“ во земјата.
-Најлошото сценарио е, се разбира, развој на пропадната држава, така да се каже, која не може да се управува во реалноста. Либија 2, ако сакате. Тоа ќе мора внимателно да го следиме, изјави шефот на австриската дипломатија.
Австриското МНР во понеделникот соопшти дека владата наредила да се суспендираат барањата за азил од сириските државјани во земјата, откако во неделата бунтовниците го зазедоа Дамаска, а претседателот Башар ал Асад избега за Русија.
Министерството соопшти дека ја суспендира и програмата за обединување на семејствата, според која семејствата на бегалците можат да им се придружат во Австрија.
На сличен потег се одлучи и германската влада, а Министерството за внатрешни работи во Берлин соопшти дека го прекинува разгледувањето на барањата за азил од сириските граѓани.