Северна Македонија стигна многу далеку во процесот и мора да го направи последниот чекор, за што побрзо членство во ЕУ – порачал премиерот на Холандија, Марк Руте, на средбата со премиерот Димитар Ковачевски што денеска се одржала во Гранада, Шпанија, во рамките на Самитот на Европската политичка заедница.
Руте изразил благодарност кон премиерот Ковачевски за поддршката и усогласеноста на земјава со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и поддршката за Украина, информираат од Владата. Воедно, Руте се заблагодарил и што сме стриктни во примената на визната политика.
На средбата, стои во соопштението, била истакната поддршката на Холандија, „која е меѓу нашите најголеми билатерални донатори и во континуитет помага во реформите на повеќе сфери, како почитување на човековите права, демократија, владеење на правото, реформи во судството, јавната администрација, заштита на маргинализираните групи во општеството“.
Ковачевски изразил благодарност до Холандија за заложбите во градењето на независни институции кои се столб на секоја европска демократија.
Двајцата премиери размениле мислења околу евроинтеграциите, а објективниот пристап на Холандија во оценувањето на критериумите за пристапување на нашата држава во Унијата, велат од Владата, создава дополнителен импулс за давање резултати и ја потврдува посветеноста на Владата на реформската агенда за побрзо членство во Европската Унија.