Премиерот Зоран Заев синоќа го примил рускиот амбасадор – Сергеј Баздникин. Баздникин на премиерот му врачил копија од нотата на руското Министерство за надворешни работи, со која се потврдува одлуката на Руската Федерација да го признае новото државно име на земјата – Република Северна Македонија, соопштија од Владата.
На средбата во Кабинетот на Заев се зборувало и за заложбите на двете земји за одржување на традиционално пријателските односи низ активен дијалог, како и за можностите за зголемување на економската соработка. Како добар индикатор за потенцијалот на таквата соработка може да послужи извозот на свежо овошје и зеленчук од јануари годинава, кој е зголемен за 90% во однос на истиот месец во 2018-та, велат од Владата.
Интензивирањето на економската соработка е најавено да биде централна тема и на наредната сесија на Мешовитата владина комисија за трговско-економска соработка меѓу двете земји.
Вчера руското МНР соопшти дека на 19 февруари годинава Руската амбасада во Скопје примила белешка од македонското МНР со известување за промената на официјалното име на државата. Согласно тоа, Руската Федерација ја признава државата под новото име, објави руското министерство.
И покрај тоа, на сајтот на руската амбасада вчера вечер сè уште стоеше старото државно име – Република Македонија. Во меѓувреме, сепак, е направена соодветната измена, па денеска на сајтот стои „Амбасада на Руската Федерација во Република Северна Македонија“.