ОН: Северна Кореја веројатно го рестартирала нуклеарниот реактор

Виена, 30 август 2021 (МИА) – По сè изгледа дека Северна Кореја го рестартираше нуклеарен реактор за кој се верува дека произвел плутониум за нуклеарно оружје, се наведува во годишниот извештај на Меѓународната агенција за атомска енергија при ОН (МААЕ).

Агенцијата нема пристап до Северна Кореја откако Пјонгјанг ги протера нејзините инспектори во 2009 година. Земјата потоа ја продолжи својата програма за нуклеарно оружје и набрзо продолжи со нуклеарните тестови. Нејзиниот последен нуклеарен тест беше во 2017 година, пренесува Гардијан.

МААЕ во моментов ја набљудува Северна Кореја првенствено преку сателитски снимки.

„Немаше индикации за работа на реакторот од почетокот на декември 2018 година до почетокот на јули 2021 година“, се вели во извештајот на МААЕ за реакторот од 5 мегавати во Јонбион, истражувачки центар за кој се верува дека е срцето на нуклеарната програма на Северна Кореја.

Прочитајте и:  Орбан: Опасноста од ескалација на војната никогаш не била поголема

„Меѓутоа, од почетокот на јули 2021 година, постојат индикации, вклучително и за ослободување на вода за ладење поврзана со работата на реакторот“, се вели во извештајот.

МААЕ објавува извештај секоја година пред состанокот на земјите – членки, од кои последниот беше објавен во петокот.

МААЕ во јуни објави дека во Јонбион има индикации за можни активности поврзани со оделување плутониум од потрошено гориво на реакторот што може да се користи за изработка на нуклеарно оружје.

- Реклама -