Северна Кореја му се закани со „последици“ на Советот за безбедност на ОН

Сеул, 3 октомври 2021 (МИА) – Северна Кореја денеска го предупреди Советот за безбедност на ОН да не ја критикува нејзината ракетна програма, со закани од последици заради навлегување во нејзиниот суверенитет.

За време на вонредниот затворен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации, што се одржа во петокот вечерта, Франција испрати нацрт-изјава во која изрази загриженост за лансирањето на новите севернокорејски ракети и повика на целосна имплементација на резолуциите што забрануваат истрелување балистички ракети.

Високо позиционираниот функционер на севернокорејското Министерство за надворешни работи, Џо Чол Су, денеска го предупреди Советот за безбедност на ОН дека „треба да размисли какви последици ќе има во иднина, во случај на обид да се наруши суверенитетот на Северна Кореја“.

Тој го обвини Советот за безбедност за двојни стандарди, бидејќи истиот не важи заслични тестирања на оружје на САД и нивните сојузници.

По шестмесечна пауза, Северна Кореја од септември продолжи со тестирања ракети, лансирајќи новоразвиени крстосувачки ракети со голем дострел што можат да носат нуклеарни боеви глави, што ги стави Јужна Кореја и Јапонија, двата клучни сојузници на САД, во домет на ракетата.

Северна Кореја изрази подготвеност на разговори со соседна Јужна Кореја, што се протолкува како обид за притисок врз Сеул да го убеди Вашингтон да ги укине економските санкции кон Пјонгјанг.

- Реклама -