„СЕВДА“ – нежни љубовни ноти од балканските великани во македонската филхармонија за денот на виното и љубовта

Во чест на виното и љубовта  четврток, 16. февруари 2023 година со почеток од 20:00 часот ќе се одржи традиционалниот концертот под наслов „СЕВДА“. Оркестарот на македонската филхармонија под водство на диригентката Дијана Имери Илкоска ќе претстави избор на дел од најпознатите балкански балади испеани од музичките великани: Александар Сариевски, Нина Спирова, Даворин Поповиќ, Сафет Исовиќ, Шабан Бајрамовиќ и Јадранка Стојаковиќ во нов современ аранжман.

Познатите балкански љубовни рефрени „Жуте дуње“, „Да зна зора“, „Ко ли ти ночас милије косу“, „Кажи кажи либе Стано“, „Сношти сакав да ти дојдам“, „Ајде дали знаеш паметиш Милице“, „Од љубов не се бега“, „Што те нема“ други евергрини  во аранжман на Дијана  Имери Илкоска ќе бидат вистинско славење на љубовта.

Музичката магија ќе ја надополни солистот со уникатен глас Божо Вреќо, а на пијано ќе настапи светски реномираниот музичар Васил Хаџиманов, син на доајенот на македонската современа музика Зафир Хаџиманов.

Дијана Имери Илкоска е дел од македонската филхармонија, а основач е и на камерниот оркестар “ID Chamber Orchestra”. Во октомври 2022 има издадено свој албум за дискографската куќа “Con:tempo”, „Филхармонија во срцето“ со капитални дела од класичната музичка литература во изведба на камерниот оркестар на македонската филхармонија. Дијана Имери Илкоска е автор на неколку музички дела. Нејзиното дело Корени” доживеа изведби во Белград, Љубљана и во Скопје, а има и дискографско издание. Со концертот „СЕВДА“ таа за прв пат се претставува како аранжер за симфониски оркестар. Преку различни проекти соработува со реномирани музичари и ансамбли од земјава и регионот.

Повеќе информации за концептот на 16.02.2023 година на линкот https://filharmonija.mk/nastani-i-bileti/

- Реклама -