Серија А: Со победата над Венеција, Интер скокна на второто место


Во последниот неделен натпреварот од 11. коло на италијанското фудбалско првенство, Интер ја совлада Венеција со 1:0, скокајќи на второто место на табелата во Серија А.

Натпреварот го реши голот на Лаутар Мартинез во 65. минута од натпреварот. Интер со оваа победа скокна на второто место со 24 бодови, бод помалку од водечкиот Наполи, кој на домашен терен загуби од Аталанта со 0:3.

Гостите од Бергамо поведоа со 2:0 во првото полувреме благодарение на двата гола на одличниот Нигериец Лукман (10, 31), а дватапати асистент беше Де Кетелаере, а конечниот резултат го постави првиот стрелец на шампионатот Ретеги (90+2) во судиското продолжение.

Аталанта сега е трета со 22 бода, исто толку колку и Фиорентина, која на гости го победи Торино со 1:0, остварувајќи ја седмата последователна победа во сите натпреварувања. Решавачкиот гол го постигна Моис Кин во 41. минута на асистенција на Лука Раниери.

Верона ја победи Рома со 3:2. Ова е трет пораз за Рома на гости во последните четири гостувања во сите натпреварувања. Домашните поведоа во 14. минута со голот на Каспер Тенгштет, но израмни Матијас Соуле во 28. минута. Верона дојде до нова предност во 34. минута со голот на Џанџакомо Мањани, но Рома уште еднаш се врати, а израмни Артем Довбик во 53. минута. Решавачкиот момент се случи во 89. минута кога Харуи погоди за 3:2. Во последните моменти од натпреварот домашните беа без исклучениот Даилон Ливрамент, но немаше време за промена на резултатот.

Со оваа победа Верона ја прекина серијата од три последователни првенствени пораза, со што се пласираше на 12. место со 12 бода. Рома е чекор погоре со бод повеќе.

За понеделник се закажани уште три натпревара: Емполи – Комо, Парма – Џенова и Лацио – Каљари.

- Реклама -