Серена Вилијамс победува со „Очајни домаќинки“

Додека останатите тенисерки од самиот врв на ВТА листата зедоа одмор по напорните настапи на Вимблдон, шампионката Серена Вилијамс реши да продолжи во натпреварувачки ритам и со голем успех настапува на турнирот во Стенфорд.

Искусната Американка се пласираше во полуфиналето од овој турнир со убедливиот триумф од 6:4, 6:0 над Шанел Шиперс, без оглед што претходната вечер речиси и не спиела во пресрет на мечот.

„Несоницата ми станува хроничен проблем и навистина не знам што би можела да направам за да се вратам во нормала. Се разбудив во 1 часот наутро и почнав да гледам „Очајни домаќинки“, тоа е мојата омилена серија. Се надевав дека повторно ќе заспијам, но тоа не се случи. Наскоро се раздени, станав и се подготвив за вообичаениот утрински тренинг. Морам да го сменам ваквиот ритам на спиење, никако да се навикнам дека повеќе не сум во Европа“ изјави Вилијамс.

Нејзините шанси за освојување на пехарот во Стенфорд уште повеќе се зголемија откако втората и третата носителка, Марион Бартоли и Доминика Цибулкова, не успеаја да обезбедат пласман во полуфиналето. Бартоли беше прегазена од Викмајер со 6:3, 6:2, додека Романката Кирстеа успеа да слави над Цибулкова со 6:7, 6:2 и 6:0.

- Реклама -