Уште два дена до помрачувањето, а веќе ги подготвуваме камерите, смартфоните и апаратите. Но, експертите велат дека селфијата за време на помрачувањето не се добра идеја.
„Во 1999-та, кога се случи последното значајно помрачување на Сонцето, речиси никој немаше смартфон, ниту пак правеше селфи“, вели за Би-Би-Си клиничкиот асистент Даниел Хардимен-Мекартни.
„Селфијата претставуваат потенцијално голема опасност, бидејќи луѓето би можеле да се најдат во искушение да гледаат во Сонцето, се со цел да ја направат совршената фотографија“, објаснува Мекартни.
Со оглед на тоа дека помрачувањето е релативно бавен процес, тој смета дека постои опасност луѓето да гледаат во него дури и по неколку минути. Тоа особено важи при правењето на селфија, бидејќи тогаш се најголеми шансите дека луѓето би ја свртеле главата кон Сонцето, во обид да ја завземат најпогодната позиција.
Како и при претходното помрачување во 1999-тата, научниците препорачуваат да не се гледа директно во Сонцето, па ни преку смартфон. Користењето на специјални наочари е неопходно ако сакате да го набљудувате феноменот. Според експертите, така најдобро ќе се заштитите од ултравиолетовите зраци кои при еден ваков настан за само еден миг можат да доведат до трајни оштетувања на мрежницата и изгореници во задниот дел на окото. Гледањето пренос на телевизија е веројатно најбезбедниот начин.
Се разбира, тоа не значи дека треба да се откажете од намерата или да го пропуштите екстремно реткиот природен феномен. Но, бидете есктра внимателни.