Луј ван Гал е изборот на Холандската Фудбалска Федерација за нов селектор на „Lалињата“, откако искусниот стратег се договори да го преземе кормилото на националниот тим од Берт ван Марвијк.
Поранешниот селектор си замина по фијаското на Холандија на ЕП 2012, а по разговорите со неколку кандидат, водечките луѓе на холандскиот фудбал на крајот сепак се решија одговорната функција да му ја доделат на поранешниот стручњак на Ајакс, АЗ Алкмар, Барселона и Баерн Минхен.
„Мило ми е што челниците на Холандската Фудбалска Федерација решија да ме изберат токму мене за селектор. Со нетрпение го очекувам предизвикот да ја предводам нашата селекција во квалификациите за СП, а потоа и на самиот мундијал во Бразил“ изјави Ван Гал.
Ова всушност ќе претставува враќање на искусниот стратег на клупата на националниот тим, откако Ван Гал ја извршуваше истата функција во периодот од 2000 до 2002 година, но беше отпуштен откако не успеа да обезбеди пласман на мундијалот во Јапонија и Јужна Кореја.