Села му се извини на Косово за ПЦР тестовите: По 15 јули, такви бариери меѓу нас ќе бидат историја

Лидерот на Алијанса за Албанците – Зијадин Села, побара разбирање од косовскиот премиер Авдула Хоти за одлуката на македонската влада, по препорака од Комисијата за заразни болести, да воведе задолжителни ПЦР тестови при влез во земјата за граѓаните на Косово, но и Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

На Твитер, Села му пиша на Хоти дека одлуката е политичка, а мотивирана од стравот од изборите. Притоа го замоли Хоти да не се одмаздува:

„Рестриктивните мерки наметнати од македонската влада до косовските граѓани на заедничките граници се корона политики мотивирани од стравот од избори. Го преколнувам премиерот да не се одмаздува и дополнително да ги казнува граѓаните во време кога семејствата се реобединуваат. По 15 јули, такви бариери меѓу нас ќе бидат историја“, порача Села.

Алијанса за Албанците, преку соопштение, се надоврза на твитот на Села:

Прочитајте и:  Села ги повика граѓаните да протестираат за „удирањето“ по балансерот, бара и во Уставниот суд да се гласа по Бадинтер

„По силната политичка поддршка што дојде од Приштина за коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива, а која се очекуваше да кулминира во текот на последните денови од кампањата, Владата на Северна Македонија ги врати мерките за негативен ПЦР тест за граѓаните на Република Косово и некои други соседни земји со сомнителни епидемиолошки оправдувања“, велат оттаму.

- Реклама -