Љубинка Боба Недиќ е професорка по англиски јазик и книжевност, а со своето писмо под наслов „Децата кои скакулците ги изедоа“ ја разбранува јавноста во Србија.
„Тешко ми е да го почнам овој текст зашто ми е тешко да напишам дека нашите ученици се сè помалку интелигентни. Мачно е и страшно еден просветен работник, родител, човек да го напише тоа. Уште помачна е можноста тоа да е вистина.
Веќе некое време, поточно последниве неколку години, се борам со прифаќањето на фактот дека спознајните способности на моите ученици опаѓаат од генерација на генерација, дека растат рамнодушноста, незаинтересираноста, отапеноста. Концентрацијата се мери во секунди, интересите се сведуваат на два-три, и тоа обично два-три површни, погрешни за нивните години. Се разбира, зборувам за просек и знам дека има блескави исклучоци, но знам и дека од година на година се сè помалку.
Помислувам – можеби сите поинакви деца заминале во гимназија! Потоа ми текнува дека 22 години работам во средно стручно училиште, дека никогаш не сум работела во гимназија и дека своите ученици цело време ги споредувам со учениците што поминале низ моето училиште, во истото тоа средно училиште.
Помислувам – се смени општеството, амбиентот е поинаков, вредностите се различни. Потоа ми текнува дека природата сепак е посилна од општеството. Дете до десет години по природа на нештата мора да биде љубопитно, подвижно, да го интересира сè и сешто, да не знае каде побргу. Тинејџерот мора да биде бунтовен, полн со големи соништа, решен да го промени светот, убеден дека историјата ќе го запомни неговото име. Мислам, кога ако не тогаш, кога има 15, 17 години?
Помислувам – да не е до родителите? Размислувам каде и како им растеле родителите, дали тогаш е направена грешката што им ја пренесуваат на своите деца, дали е направена некаква штета која дури во идните генерации ќе се исправи.
Тогаш сфаќам дека родителите на моите ученици се само неколку години помлади од мене, дека растејќи, можеби начнале неколку години од животот во онаа поспокојната земја, но дека потоа поминувале низ хиперинфлација, немаштија, растурени бракови, оддавање на алкохол на некој од родителите, војни кои не ги водевме, повратници од боиштата со згаснати очи, бомбардирање, сатанизацијата на нашиот народ, појавата на турбофолкот, дизелашите како главни фаци, Пинк-(не)културата, ’опасните момци’, трупци и јатаци, бензин во шишиња, празни самопослуги, паштети и виршли, 5 октомври, големи надежи, срушени надежи, тунел без светло на крајот…
Во меѓувреме тие станале родители, колку што можат да бидат најдобри, генерација родители кои не знаат за подобро, кои не знаат за нормално, генерација која е поразена во најдобрите години од својот живот. Дали тоа е причината што децата вака ни отапеа?
Сакам да им се извинам на родителите што вака пишувам. Знам дека звучи страшно и нечовечно, но вие имате едно или две деца, а мене во училницата ми поминале веројатно над илјада и јас не можам а да не ја видам промената што ми се случува пред очи. Во последно време се случува толку брзо што буквално секоја нова генерација е убедливо полоша од претходната. Веќе не треба да поминат пет-шест години за да се забележи разликата. Сега е опиплива и страшна.
И немојте да мислите дека ми текнува само на вас кога барам причина за тоа. Напротив! Знам дека е и до училиштето од кое некој упорно се обидува да направи не забавиште, туку мајтап. Знам дека е и до општеството на нарушени вредности. Меѓутоа, и едното и другото се во сила барем десетина години, а децата не останаа на нивото од пред десет години.
Срамежливо и со многу непријатности им се доверувам на колегите, прашувајќи дали и тие имаат таков впечаток, надевајќи се дека проблемот е можеби во моите нереални очекувања. Шепотиме за тоа, свесни за фактот дека нашите зборови звучат ужасно. За жал, сите со кои разговарав ја гледаат и ја чувствуваат таа промена кај учениците.
Пред две години се чувствував бедно кога од плановите за работа ги исфрлив сите подолги текстови. Пред десетина години истите тие текстови учениците ги совладуваа како од шега. Денес тоа можат да го постигнат само три-четири ученици од одделението. Пред 15 години, кога мојот предмет се изучуваше од петто одделение, а не од прво како сега, моите ученици, средношколци од стручно училиште, со мал напор можеа да го следат гимназиското темпо. Навистина, имаа три часа странски јазици неделно, а не два како сега. Меѓутоа, и колегите што предаваат други предмети забележуваат дека на денешните ученици материјалот едноставно не им влегува в глава. Учениците те гледаат бледо, не можат да го повторат она што си го кажал, на крајот од часот не се сеќаваат на она што било на почетокот.
Најлошо е кога ќе ги прашаш за мислење. Ќе се вџашат и збунето ќе те погледнат. Не им е јасно зошто ги малтретираш со барање да имаат мислење за некоја тема, и тоа тема блиска на нивната возраст, а можат да одговорат и на мајчин јазик ако странскиот им е проблем.
Пред некој ден ги прашав која би била работата од нивните соништа, кога парите не би им биле проблем. Единствено дознав дека тие немаат соништа. Трендот продолжува со ужасна брзина. Тонеме во бездна, или сме сварени жаби. Нешто од тоа. Тоа нешто го игнорираме и го толерираме. Понекогаш ќе си промрмориме во себе, ќе се зачудиме какви генерации ни доаѓаат, не ни е добро по иницијалните тестови, се жалиме дека мораме да предаваме содржини од основно училиште дури и кога знаеме дека колегите оттаму одлично ја завршиле својата работа.
Системот смислил излез – ИОП 1 (индивидуален образовен пристап). Ако детето од каква било причина има проблем при совладувањето на материјалот, направи му план по негова мера, скрати му го материјалот, симни го критериумот, остави му повеќе време за сплавовите, фолкотеките, турските серии. Не масирај го со барања! Не терај го да стекнува знаења! Прави будала од себе и од училиштето дури и кога гледаш дека тој едноставно не сака да учи. Не е до него, до тебе е.
Така вели системот. Направи му ја училницата шарена, запеј му песнички, учи го низ игра, дури и ако има 18 години. Забавувај го, биди полн со оптимизам и елан, постојано насмевнувај се на часот и немој случајно да го подигнеш гласот! Ни случајно немој да го оптоваруваш со домашни задачи! И да не си се осмелил да му ставиш единица, бидејќи не е до него – до тебе е.
Може и така. Сè може. Само не знам каде води сето тоа. Не ми се допаѓа резултатот. Последиците се погубни, а од мене се очекува да придонесам.
Бидејќи и јас сум од генерацијата на оние што имаа соништа и навикнаа своите цели да ги поставуваат високо, а не таму каде што им е најлесно, сонувам за тоа да се здружиме: ние, просветните работници и вие, родителите. Солидарно да станеме против ова заглупување на нашите деца, против пропаѓањето на младоста, против одгледувањето зомби-генерации, кои ништо не ги интересира, кои сега се подготвени да го „одблеат“ животот и да го чекаат крајот во блажена тапавост.
Ни ги зедоа фабриките, ни ги земаат рудниците, дури и изворите на вода. Самите одлучија дека нашите органи се државни. Со двете раце ги прифаќаме сите западни трендови. Човек би помислил дека баш сме модерни. Сега некако ни ги одземаат и децата.
Ајде да се освестиме сите заедно.
Ајде барем децата да не им ги даваме.
Ајде да им помогнеме на децата.
Се надевам дека не е доцна.