Фејсбук ги поврзува луѓето, но не ги прави посреќни, покажува новата студија на Универзитетот во Мичиген, што е воедно и првата публикувана студија што го истражува ефектот на социјалната мрежа врз среќата и задоволството на корисниците.
„На површината, Фејсбук претставува драгоцен извор на основна социјална конекција, но наместо да ја унапредува нашата благосостојба, има сосема спротивен резултат – ја подрива.“, вели социјалниот психолог и водечки автор на студијата – Итан Крос.
За истражувањето, научниците регрутирале 82 млади, сите припадници на централното демографско јадро на корисници. Бил користен методот на семплување на искуства – една од најдоверливите техники за мерење како луѓето мислат, чувствуваат и се однесуваат во даден момент во секојдневниот живот. На испитаниците им биле испраќани пораки на неодредени интервали, 5 пати во денот, во текот на две недели. Секоја порака содржела линк до прашалник со следниве прашања:
- Како се чувствувате во моментов?
- Колку сте загрижени во моментов?
- Колку осамени се чувствувате во моментов?
- Колку го користевте Фејсбук од последниот пат кога ве прашавме?
- Колку директна интеракција имавте со други луѓе од последниот пат кога ве прашавме?
На почетокот и на крајот на студијата, било побарано од испитаниците да оценат колку се задоволни од својот живот. Кај оние кои повеќе ја користеле мрежата во текот на двете недели, опаѓањето на степенот на задоволство бил поголемо. Едноставно, почестата употреба на Фејсбук значи полошо расположение. Од друга страна, директната комуникација со други луѓе не само што не влијаела негативно врз испитаниците, туку и направила да се чувствуваат подобро.
Исто така, испитаниците не биле повеќе склони да го користат Фејсбук кога се чувствуваат лошо, што ја отфрла тезата дека мрежата се користи како издувен вентил и е последица, а не причина за лошото расположение – вели Крос.