Седум години казна затвор за Груевски, година и три месеци за Мијалков, и една година за Камчев за „Плацови на Водно“

Седумгодишна казна затвор изрече Судечкиот совет при Основниот Кривичен суд – Скопје за поранешниот премиер Никола Груевски, обвинет за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот.

Неговиот кум Ристо Новачевски е осуден на условна казна во времетраење од две години, бизнисмените Ненад Јосифовиќ на двегодишна условна осуда, Јордан (Орце) Камчев е осуден на едногодишна затворска казна кои, исто така се обвинети за за „перење пари”, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело” доби казна затвор од една година и три месеци.

Според обвинението, обвинетиот Никола Груевски, во периодот од 2006 до 2012 година, присвоил 1,3 милиони евра, како дел од парите што биле давани како донации за финансирање на партијата и не ги прикажал како примени донации. Во обвинението за Груевски се вели дека во средината на 2012, тој дознава дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 квадратни метри на Водно и бара од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите.

Мијалков, според обвинението, стапува во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и се договорил оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето. На домашната фирма, управител станува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски.

Откако била постигната согласност за купопродажната цена, според обвинението, во повеќе наврати на девизната сметка на скопската фирма, преку сметката на фирмата од Белизе парите се пуштаат во оптек, а Новачевски во својство на управител на фирмата со сопствениците на земјиштето потпишува договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 квадратни метри и за тоа плаќа 1,2 милиони евра. Во 2015 година се менува ГУП на Град Скопје, овие парцели се пренаменуваат во градежни, а и уделот на фирмата од Белизе се пренесува на име на Јордан Камчев и неговата мајка, Ратка Камчева, а плацовите се делат на три дела.

Освен ова, Груевски, според обвинението, како службено лице со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој ги надминува неговите приходи пријавени во анкетниот лист, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Новачевски. Па така, тој во анкетниот лист за имотната состојба не пријавил два стана во Скопје со површина од 38 и од 57 квадратни метри, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2.729 квадратни метри и две градежни парцели во Крушево.

Судењето за овој предмет го водеше судијата Илија Трпков.

МИА

- Реклама -