Се утврдуваат причините за пропустите во учебникот по Историја и општество, од кој научивме дека исток е запад, метри се стапки, а знаме на Португалија е шпанското

Министерството за образование и наука и Педагошката служба почнаа процес за утврдување на причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот по Историја и општество за петто одделение во кој, како што се наведува, „се констатирани низа грешки и нелогичности кои секако, не смееја да се дозволат“.

Во учебникот, како што можеше да се види и од објавите во медиумите и критиките/сеирот на социјалните мрежи, пишува, на пример, дека Албанија е источен сосед на Македонија а Бугарија е западен, дека Монт Еверест е висок над 29 километри (всушност е висок 29.035 стапки, што во метри е 8.849 m), или дека Мртвото море се наоѓа на 1.4 километри под морското рамниште (всушност се наоѓа на 430 метри, што во стапки е ~1.400), а државно знаме на Португалија е шпанското.

„Преку Националната комисија за учебници како највисоко тело во процесот на одобрување на учебници, МОН веќе побара информации за работата на сите чинители во постапката за одобрување на конкретниот учебник и по добивањето на извештајот, министерот за образование и наука ќе даде конкретен предлог за понатамошно постапување“, се вели во соопштението од Министерството за образование и наука.

Според ресорното министерство, во време кога во Северна Македонија се случуваат најкрупните образовни реформи досега, со интензивни инвестиции во унапредување на инфраструктурните услови, подигнување на мотивацијата на наставниот и стручниот кадар во училиштата и се изработуваат нови наставни програми и учебници, недозволиво е да се случуваат вакви пропусти. Сепак, како што се наведува, учебниците се една од основите за квалитетен воспитно-образовен процес.

„Потребен е максимален ангажман и одговорност од сите чинители кои учествуваат во процесот за градење на поквалитетен образовен систем во интерес на сегашните и идните генерации, а со тоа и во интерес на државата. Упатуваме апел до сите автори и рецензенти кои во иднина ќе учествуваат во постапки за изработка на учебници и наставни помагала, како и до Бирото за развој на образование и членовите на Националната комисија за учебници, да ја подигнат личната одговорност и посветеност, затоа што во овие прилично комплексни процеси, тоа од нив единствено и се очекува“, велат од министерството за образование и наука.

- Реклама -