Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2019-та морталитетот во Македонија бил повисок отколку наталитетот, односно се регистрирани повеќе умрени отколку родени. Па така, забележан е негативен природен прираст, при што се регистрирани 18.845 живородени, а 601 повеќе – односно 20.446 умрени.
Притоа, најголем дел од децата – 59.3%, се родиле во градските подрачја, додека 40.7% се родени во селските подрачја. Најмногу раѓања имало во скопскиот регион – 38.1%, а најмалку во источниот регион – со само 6.3 отсто.
Според податоците на ДЗС, во селските подрачја жените порано стануваат мајки. Просечната возраст на прво раѓање е 25.9 години, додека во градските подрачја, жените првпат раѓаат, во просек, на 28.5 години.
Иако има разлика во бројот на умрени во градските наспроти селските подрачја (62.8% наспроти 37.2%), нема голема разлика во просечната возраст на која умираат луѓето од градските наспроти селските подрачја; имено, во градовите таа изнесува 73.7 години, додека во селата 73.8 години.
Интересно, но не и изненадувачко, е што во градските подрачја природниот прираст е негативен, додека во селските подрачја природниот прираст е позитивен. Односно, во градовите починале 1.059 лица повеќе отколку што се родиле, додека во селата се родиле 458 лица повеќе отколку што умреле. Негативен природен прираст има во шест региони во земјата: Вардарскиот, Источниот, Југозападниот, Југоисточниот, Пелагонискиот и Североисточниот регион.
Податоците за внатрешните миграции на ниво на регион покажуваат дека најголемо учество од 36,3 отсто имаат преселбите од село во град, додека меѓуградските преселби учествуваат со 8,2 отсто.
Во вкупните миграции на ниво на регион од село во град, најголемо учество има Источниот Регион со 51,8 проценти, додека во Полошкиот регион најголемо учество имаат меѓуселските преселби кои учествуваат сo 61,5 отсто.
Салдото на надворешните миграции е најголемо во Скопскиот Регион (1.233), а најмало во Југоисточниот Регион (- 58).