Камења, стапови, плочки од платото пред грчкиот парламент и по некоја чадна бомба, ова беа главните средства кои ги користеа демонстрантите за време на насилните протести денеска во Атина.
На протестите присуствуваа над 200.000 демонстранти, пристигнати од сите краишта со над 3.000 автобуси и по морски пат со бродови од островите.
Со транспаренти “Македонија е грчка”, „Референдум сега” и „Македонија не се продава, Алексис Ципрас е на продажба“ демонстрантите побараа од парламентот да не го прифаќа владиниот план за ратификуваат договорот со кој соседот ќе го промени своето име во Северна Македонија.
Во пресрет на ратификацијата, атмосферата во Грција е вжештена. Закани преку телефон добиваат пратениците кои го поддржуваат решението меѓу Македонија и Грција, а плакати со нивни фотографии се залепени по улиците на Атина.