Се смувале Власта и Силата, па се заљубиле, па се посвршиле, па се земале.
На свадбата сé било по протокол. Венчаница. Фрак. Торта. Шампањско. Кума била Правдата; точно на време ја извадила кутијата со бурмите. Младенците, крунисани, се заколнале на верност и вечна љубов, ги размениле прстените и по малку неспретно се бакнале, па со растреперени раце потпишале во регистарот на вечната љубов и разбирање. Наивноста ги прогласила за венчани. Многубројниот народ се прекрстил за радост, среќа и спасение… За многу години! За многу години!
Почнале да ѕвечкаат паричките…
Музиката отсвирила туш, па распалила оро. Силата, лажно скромна, откако го фрлила бидермаерот, го поткренала венчалниот фустан и го повела орото. Сите се фатиле, ама музиката и добрата атмосфера ја расположиле Силата, па орото тргнало жестоко. Неспремните и тешконогите брзо попаѓале, а Силата и понатаму безгрижно го влече орото, додека од него испаѓаат уморните и онемоштените, струполувајќи се на земјата. Гази орото по немоќните сватови, а музиката не престанува. Од гласната музика не се слушаат криците ни пцовките, а никој не е загрижен што под нозете пукаат коските и крвави венчаницата. Веќе не ѝ ни треба, ова е брак за сите времиња; Силата, понесена од бучната музика, игра сé побрзо и сé пожестоко.
Власт, на почетокот воздржан и невешт во чекорот и ритамот, брзо го совладува потребното знаење. Ја следи Силата во чекор, како што му доликува на еден младенец. Не се противи. Не заостанува. Не се мисли. Скока и Власт по немоќните, му шкрипат коските под ѓоновите, а тој лета понесен од играта и музиката и опиен од слепата љубов неизмерна.
Кога музиката запрела и завладеала тишина, во орото останале само двајцата младенци. Уште задишани и крвави до колена, се погледнале – со поглед што дополнително ги уверил дека се еден за друг, тогаш и за навек.
Денес често ги гледаат како шетаат рака под рака, задоволни и сé уште среќно вљубени. Само што, кај и да се појават, луѓето се крстат… Исто како на нивната свадба, за спасение.
Дејан Тофчевиќ