Се работи на техничка подготовка за лекувањето со крвна плазма

Подготвен е протоколот за користење на крвна плазма, а се работи и на нејзината техничка подготовка, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.

На новинарско прашање до каде е процедурата за лекувањето од ковид-19 со крвна плазма, Филипче рече дека специјалистите од Институтот за трансфузиона медицина во моментов работат на тоа.

„Минатата недела се дискутираше од страна на стручните комисии на медицинскиот факултет. Беше консултирана и Агенцијата за лекови. Колегите на трансфузија се подготвени технички да го изработат одделувањето на плазматата, односно фракционирањето, а потоа ќе биде индицирано да се даде на одредена група на пациенти, согласно параметрите и начинот на манифестација на болеста“,рече Филипче на денешната прес-конференција.

Тој претходните денови појасни дека ваков тип на терапија не може секому да помогне, особено имајќи ја предвид непредвидливоста на болеста во потешките случаи.

„Крвна плазна заради антитела не може да даде кој било, треба да е во соодветна фаза, тие се пациенти кои се ковалесцентни, затоа што т.н. рековалесценти се целосно излекувани и тука нема ефект. Тоа не е тип на терапија, која може да помогне секаде, тешката форма на болеста е навистина тешка и ги напаѓа сите системи“,рече Филипче на една од претходните прес-конференции.

Директорката на агенцијата за лекови МАЛМЕД, Висара Риза, вели дека тие се надлежни за спроведување нa управни и стручни работи поврзани со лековите, но немаат надлежност за утврдување на третман на пациенти како и протоколи на лекување. За третманот на пациентите одлучуваат исклучиво лекар односно лекарски конзилиум од соодветната клиника или институт.

„Примената на одредени лекови и одлуката за видот на лекувањето се темели на проценката на клиничарите за тежината на болеста, соодветните протоколи за лекување на овие состојби како и на достапните лекови во тој момент во Северна Македонија. Компонентите на крвта како што е крвната плазма согласно Законот за лекови и медицински средства не се лекови, но укажуваме дека е потребно за истото да се исполнат точно утврдени критериуми на квалитет на продуктот дефинирани со соодветната законска регулатива за нивна соодветна примена“,вели Риза.

Терапијата од комбинација на двата лека (антибиотик и антималарик), која започна да се применува на некои пациенти со ковид-19, министерот Филипче вели дека дава резултати. Тој дополни дека контактирале и со Амбасадата на Јапонија во Скопје за донирање на една форма на антивирусен лек односно дополнителна терапија како помош за сите земји.

Целиот текст тука

- Реклама -