Се полни и модуларната болница, поради ВМРО-ДПМНЕ одложени маските на отворено, Филипче алармира дека нема време за губење и на чекор сме до полициски час

Продолжува растот на бројката на заразени во земјава, шести ден по ред во болниците има над 450 пациенти позитивни или сомнителни на Ковид-19 (денеска вкупно 464), а според извештајот на Институтот за јавно здравје, минатата недела (од 12 до 18 октомври) имало 58.1% повеќе смртни случаи (вкупно 49) во однос на неделата претходно.

Министерот Венко Филипче, во вестите на „Канал 5“, уште еднаш истакна дека исполнетоста на болниците е еден од главните параметри согласно кои ќе се носат одлуките, вклучително и опцијата за воведување на полициски час, но и дека токму овој параметар, од ден на ден, изгледа сѐ полошо.

Како што пренесе претходно МИА, инфективното одделение и болницата во Струмица се исполнети до последен кревет. Во Штип се пополнети сите 55 кревети каде се хоспитализирани пациенти од речиси сите општини од источниот регион. Според директорот на болницата – Ален Ѓеорѓијев, веќе започнале да препраќаат пациенти во болницата во Кочани, а во текот на следниве денови може да се случи и пациенти од Штип да бидат испратени на хоспитализација во Кочани.

И директорот на болницата во Струмица – Наќе Гогов, информира дека се исполнети сите 39 кревети (20 на Инфективното одделение и 19 ковид-центарот во болницата), а секојдневно на амбулантско лекување доаѓаат и околу 20 пациенти со полесна клиничка слика. Тој алармира и на недостаток од медицински персонал, при што од Министерството за здравство бара на помош да бидат распоредени 10 лекари од други болници во државата, како и средства за прием на 6 медицински сестри.

Во вестите на „Канал 5“, Филипче се надоврза и дека нема слободни кревети во болницата во Куманово, а се полнат и одделението во Кавадарци и Гостивар. Во Прилеп и Битола се менаџира меѓу двата центри, а во Охрид засега добро се менаџира бројот на хоспитализации и тука има слободни болнички кревети. Сепак, тој предупреди дека од денеска првпат пациенти се хоспитализирани и во модуларната болница во рамки на Инфективната клиника во Скопје, предвидена да биде резервен капацитет.

„Болничките капацитети се еден од главните параметри. Ако ние оцениме дека овие капацитети – кои се димензионирани да бидат резерва – се исполнуваат, тогаш дефинитивно ќе препорачаме целосна рестрикција во движењето, односно полициски час“, најави тој.

На денешната владина седница, во меѓувреме, Владата ги прифати мерките од вториот сет препораки на Комисијата за заразни болести (ограничување на работното време на сите угостителски објекти – до 23 часот, за ограничување на капацитетот на патници во јавниот превоз на 50%, и препорака целата државна и јавна администрација да работи онлајн, во смени или со ротации).

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

Затоа пак, измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, кои овозможуваат правна основа за мерките од првиот сет препораки на КЗБ (задолжително носење маски и на отворено, ограничено групирање надвор, но и ограничување на семејните собири на максимум 4 гости), благодарение на ВМРО-ДПМНЕ, денеска не се најдоа на одлучување пред пратениците. Истите ќе почекаат можеби до следната собраниска седница, закажана на 27 октомври, бидејќи опозицијата побарала да го разгледа предлог-законот.

Од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека побарале да го разгледаат законот и да дадат свои предлози, со што, велат, сакаат да дадат свој придонес и поддршка во напорите за справување со Ковид-19.

Ваквиот потег доаѓа во момент кога власта не може да собере мнозинство, бидејќи пратениците Лазе Танески и Исмаил Јахоски се позитивни на Ковид-19.

Поради ова, за утре најавена е средба помеѓу работна група на ВМРО-ДПМНЕ и министерот Филипче, при што, како што дознаваат медиумите, доколку биде постигната согласност, би можела да биде свикана собраниска седница и порано од 27 октомври (кога и се очекува да се вратат двајцата пратеници).

Ваквиот „развој на настаните“, сепак, изнуди и јавна реакција на ресорниот министер:

„Мерките за заштита од ковид-19 кои се во Собранието мора итно да се донесат“, порача тој на Фејсбук, и ги повика пратениците „да покажат одговорност и што поскоро едногласно да се изгласаат двата пакети на мерки за заштита на населението и спречување на понатамошно ширење на вирусот“.

„Барам сите сложно да испратиме порака на единство околу важноста за почитување на мерките. Тие се целосно издржани, базирани на анализите на Институтот за јавно здравје и на меѓународните искуства. Исти или слични мерки во моментов веќе се на сила во сите европски држави.
Нема повеќе време за одлагање, состојбата со вирусот е сериозна“, алармира Филипче.

Истовремено, тој уште еднаш им порача на граѓаните дека и веќе постоечките мерки и препораки се во интерес на заштита на нивното здравје и мора доследно да се почитуваат.

„Болниците се полнат и сите треба да сме свесни дека од секој од нас зависи како ќе ја надминеме состојбата. Следат ризичните есенски и зимски месеци и барам високо ниво на свест и почит кон трудот на здравствените работници“, апелира Филипче.

- Реклама -