На хартија, да одиш на дејт со некој што е попаметен од тебе би требало да е стварно мерак. Ако бидне нешто посериозно, не добиваш само интимен партнер, туку и човек кој може да ти ги надгради ставовите и перцепциите, како и да ги пренесе интелектуалните спорови на повисоко ниво.
„Не фала, сестро!“ е одговорот на над стотина мажи во едно неодамнешно истражување. Резултатите од „експериментот“ докажуваат дека мажите се туркаат кој прв да се пофали дека сака попаметна жена од себе, но во реалноста всушност, истите овие мажи бараат жени што им се најмалку застрашувачки по интелектот.
Научниците од универзитетот во Бафало, универзитетот во Калифорнија и универзитетот во Тексас, спроведуваат истражување со 105 мажи, на кои им читаат различни сценарија со хипотетични ситуации со жени. Притоа на учесниците им е дадена можност да изберат дали би излегле со таа жена, која покажала повисоки резултати од нив на тест по интелигенција.
„Мажите пројавуваат жив интерес и благопријатна наклонетост кон поинтелигентните жени од нив“, покажува истражувањето.
Но резултатот нагло се менува кога истите тие мажи се поставени во реална ситуација, во која им се наложува да разговараат очи во очи со попаметните жени. Во тој втор дел од експериментот, на испитаниците им е даден лажен тест по интелигенција, по кој се информирани дека им претстои средба со жена која постигнала подобри резултати на истиот тој тест. Во оваа етапа се покажува дека мажите имаат тенденција да се дистанцираат од жените кои се поинтелигентни од нив, одбивајќи да разменат контакти со нив и непројавувајќи иницијатива за средба со нив во било каква форма.
Авторите на студијата заклучуваат дека мажите се плашат да излегуваат со попаметни жени. „Чувството на потисната мажественост допринесува за намалената привлеченост на мажите од страна на жени кои интелектуално ги надминуваат во живата комуникација“, пишува во извештајот.
Доброто во експериментот е што вклучува само 105 мажи, а тоа е далеку од генерален заклучок (за такво нешто треба многу повеќе работа). Лошото е што кореспондира со слична студија од 2013-та година, кое сугерира дека мажите се чувствуваат психолошки заплашени кога сопругите или нивните партнерки заработуваат повеќе пари од нив.
Океј, можеби мажите сепак повеќе преферираат поглупави девојки. Ама и тоа си има логика.