Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, кој од неодамна е ставен на црната листа на САД, денеска, преку Фејсбук, соопшти дека ќе биде отворен за соработка за секој процес пред правосудните органи и дека и тој и општината ќе ја достават навреме и што е можно поскоро секоја потребна документација.
„Од претседателот Вилсон па сѐ до ден денес, Соединетите Американски Држави се наш сојузник во секој предизвик и заедно реализиравме многу значајни проекти за државата, градот и граѓаните на Струга. Секогаш ја поздравувам и ја поддржувам континуираната американска поддршка за нашата земја и граѓаните на Струга“, наведува Мерко.
Тој објаснува дека по најновиот развој на настаните (во врска со одлуката на американскиот Стејт Департмент) не сакал да комуницира, а во интерес на процесите за кои тој, како што вели, „ќе биде отворен како и секогаш за поддршка на правдата и за секој процес пред правосудните органи“.
„Oд страна на Општина Струга, како и од моја страна, ќе ја доставyвам навреме и што е можно поскоро секоја потребна документација, бидејќи секогаш сум бил транспарентен за органите на правдата и за сите други институции. Притоа, во интерес на процесот, решив да ја замрзнам секоја активност во партиските структури до затворање на важните процеси за сите. На крајот, сакам да му се заблагодарам на секој граѓанин за поддршката низ годините, но и поддршката што не ја штедевте и овие денови, за кои убеден сум дека ќе ги надминеме заедно, за да создадеме услови за подобар живот на Стружани и за Струга што ја сакаме“, се вели во постот објавен на профилот на Мерко, но и на Фејсбук страната на Општина Струга.
Во постот воопшто не се споменува во кој контекст се поставени фотографиите со американската амбасадорка.
Претходно, од Јавното обвинителство на РСМ (ЈОРСМ) информираа дека четиричлена комисија од јавни обвинители од Обвинителството денеска врши надзор на постапувањето во предметите поврзани со струшкиот градоначалник во Основното јавно обвинителство Струга и Вишото јавно обвинителство ЈО Битола. По целосните проверки на постапувањето, велат од ЈОРСМ, комисијата ќе изготви извештај.
Во четвртокот, од Јавното обвинителство соопштија дека има шест активни предмети против струшкиот градоначалник. Оттаму посочија дека исклучително сериозно ги земаат предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на Мерко врз постапките.
„Од тие причини, Обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана“, соопшти ЈО во четвртокот.
Стејт Депарментот го стави Мерко на црната листа поради корупција и влијание врз судски процеси.