Под мотото „Партизан обединува“, во Карпош се одржа настан на кој се чистеше просторот кај култната сала „Партизан“, се оградуваше просторот за да се спречи дополнително уништување, а граѓаните дискутираа и ги разгледуваа предлог-идејните проекти за обнова на објектот.
Организацијата „Културно Ехо“ потсетува дека „Партизан“ е донација од францускиот народ по катастрофалниот земјотрес во Скопје, односно овој спортски објект е синоним за пријателството помеѓу македонскиот и францускиот народ.
Од настанот во Карпош
„За жал, овој ‘синоним’ за нашето пријателство со години беше рунирано и обезвреднето, односно претставуваше закана за локалното население. Во овој простор се родиле многу спортски таленти, односно зачетоците на спортот во Скопје, се токму во Соколоната, односно спортскиот објект кој бил срушен за време на земјотресот, а се наоѓал на денешната локација на ‘Партизан’“, велат од „Културно Ехо“.
Со цел да се надмина овој проект, „Културно Ехо“ изработи и донираше две идејни решенија на Општина Карпош, како би изгледал овој објект во иднина.
„Идејните решенија го задржуваат автентичниот изглед на објектот но и додаваат нови модерни содржини. Се надеваме дека во административниот дел, кој воопшто не е мал, ќе обебедиме и канцеларии за невладиниот сектор кој делува на територија на Град Скопје, со фокус на Општина Карпош, мало катче каде ќе имаме можност да одржуваме состаноци и да развиваме идеи и идни проекти“, потенцираат од „Културно Ехо“.
Од општина Карпош велат дека двата идејни проекти за ревитализација на салата ќе бидат објавени на општинската веб страна, а карпошани ќе гласаат за новиот лик на овој култен спортски објект. Потоа, тој идеен проект да биде основата за изработка на главниот проект за „Партизан“.
„Трајно го заштитивме овој јавен простор. Тука нема да има нова зграда туку нова, спортско – рекреативна зона, спортски центар кој ќе поврзува различни генерации. ‘Партизан’ е во срцата на многу граѓани, а тука, младите ќе можат да создаваат нови спомени и моменти“, рече градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, дополнувајќи дека по прилично долго време, успеале „Партизан“, да го вратат во владение на Општина Карпош и со тоа трајно да го заштитат од налетот на урбаната мафија.
„Културно Ехо“, која работи на ревитализација на стари напуштени објекти, со цел да им се даде нова функција и смисла, во склоп со потребите на локалните заедници, нагласува дека во ваквите иницијативи голем удел имаат и медиумите.
„Што повеќе видливост во медиумскиот простор, пропроционално се зголемуваат и можностите за нејзин успех, па во тој контескт за нас е од особено важно иницијативите кој ги водиме, да бидат што поприсутни во медиумскиот простор, како еден од клучните фактори кон успех“, велат за Радио МОФ од „Културно ехо“, дополнувајќи дека новости има и за иницијативата за „Купром“.
„Купром“ некогаш беше голема и значајна фабрика за развој на Влае, Хром и Ѓорче, а сега во катастрофална состојба, па затоа „Културно Ехо“ иницираше акција и културни активности за објектот да биде препознаен од граѓаните, за да добие фидбек за негова ревитализација. Истото го направија и во Ченто, каде до паркот се наоѓа некогашниот културен дом, сега запуштен и заборавен објект. Таму се организираше еко-акција и дружба на локалната заедница, која побара обнова на просторот.
Со ваквите иницијативи, се отвора и прашањето како објектите понатаму би функционирале, дали би се самоодржувале, дали би постоеле преку соработка на заедницата и локалните служби, но и што би била нивната намена – културни или студентски домови, место за дружба или користење на разни организации и иницијативи, за работилници, дискусии, мултимедијални настани…
Од „Културно Ехо“ нагласуваат дека наскоро ќе потпишат и меморандум за соработка со Општина Карпош во однос на целиот процес на ревитализација на салата „Партизан“.
„И за крај, сакаме да на напоменеме, дека просторот како ресурс е исклучително важен за градот, и одкако градот ќе го изгуби овој ресурс, тоа е неповратен процес“, констатираат од „Културно Ехо“.
Radiomof