Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје до надлежното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против М.А. (34) заради постоење на основано сомневање за кривично дело „бесправно градење” по чл.244-а од КЗ за објект бесправно изграден на булевар „Гоце Делчев“ на платото пред ДТЦ „Мавровка“, информираат денеска од МВР.
Како што претходно пишуваше „ИРЛ“ (Истражувачко репортерска лабораторија), се работи за Мевлудин Алити – човекот кој го исече дрвото пред „Мавровка“, кој е и сопственик на изгореното кафуле „Фонтана“, а кој е сопственик и на парцелата на која е изграден на диво бетонскиот објект.
Претходно денеска, премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања, соопшти дека дивоградбата кај „Мавровка“ ќе биде тема веќе на денешната владина седница и многу набрзо ќе биде отстранета, при што Општина Чаир ќе добие помош од владата.
„Денеска заедно со правните служби ги разгледавме сите модалитети на многу прашања, а едно од нив е и објектот кај Мавровка, проблем кој пркоси во центарот на Северна Македонија и Скопје и еден пркос за кој со право граѓаните реагираа“, рече тој, најавувајќи активности на терен:
„Многу брзо ќе почнат активности на терен за да се справиме со ова незаконско дејание што ни се случува дрско пред нашите очи, во центарот на градот. Денес ќе донесеме конкретни одлуки кои ќе ги соопштиме после седница на Владата. Во деталите на самите одлуки ќе бидат наведени правните постапки како би требало Владата да пристапи во испорачување на помош на Општина Чаир, која што има записник и решение дека објектот е дивоградба, но нема фирма изведувач да го спроведе решението за отстранување“, рече Заев, пренесува „САКАМДАКАЖАМ.мк“.