„Северна Македонија повторно се наоѓа пред клучен момент од својата историја. Седумнаесет години по добивањето кандидатски статус, штотуку се отвора историска можност: влегување во активна фаза на процесот за пристапување кон Европската Унија. Изборот е ваш“, се вели во пораката од претседателот на Франција, Емануел Макрон, објавена од Француската амбасада во Скопје.
Наше е, порачува Макрон, да ја донесеме одлуката која ќе ја обликува иднината на Северна Македонија, за која, како што вели, е убеден дека нејзина определба е да биде целосно дел од европското семејство.
„Сега останува на вас Македонците да се изјасните. Моќта да го смените текот на историјата отсега е во ваши раце. Нема да ви кажам дека овој договор е совршен, но ќе ви го расчисти европскиот пат. Како и секој договор, така и овој се заснова на компромиси и рамнотежа. Овој договор не го доведува во прашање официјалното постоење на македонски јазик, кој е составен дел на вашиот идентитет“, порачува францускиот претседател.
Во овој договор, посочува Макрон, е наведен Договорот за пријателство со Бугарија од 2017 година.
„Тој гарантира негово добро спроведување, во име на добрососедските односи, кои се темел на европските вредности. На крај, станува збор за ревизија на Уставот за да се интегрираат нови заедници во него. Вашата земја веќе претставува пример за соживот во Европа. Ќе треба да се изјасни Македонското собрание“, нагласува тој во пораката.
Конечно е дојдено време секој да дејствува, со целосна одговорност и процена на тежината и последиците од своите постапки, вели, понатаму, францускиот претседател.
„Вие, македонски народe, уште од стекнувањето на независноста покажавте голема политичка храброст и мудрост. Во 2001 година го склучивте Охридскиот рамковен договор, симбол на возможен успех на едно мултиетничко општество. 18 години подоцна успеавте да најдете сили да го потпишете Преспанскиот договор и станавте триесеттиот сојузник на НАТО. Ја заслуживте почитта од цела Европа. Вашето достоинство како македонски народ е стекнато: тоа никогаш нема да биде доведено во прашање.
Уште еднаш, дојде време да се направи избор и ние сме на ваша страна да ве охрабриме да направите нов чекор“, вели Макрон.
„Имате кандидатски статус од 2005 година и тоа траеше предолго. Затоа, предизвикот сега е да влезете во нова фаза од процесот на вашата интеграција. Знаеме дека со текот на времето, одложувањата и тешкотиите, оваа европска перспектива стана предмет на сомнежи. Јас сум потполно свесен за длабочината и чувствителноста на прашањата што треба да се решат меѓу Северна Македонија и Бугарија. За време на Француското претседателство со Советот на Европската Унија, како и за време на германското, португалското и словенечкото претседателство, не штедев напори да се најде решение кое ќе ги почитува интересите и достоинството на двете страни“, заклучува Макрон, додавајќи, на крајот, дека во Бугарија нацрт-договорот бил предмет на интензивна дебата, но, на крајот „бугарското Собрание знаело да ја преземе одговорноста, со широко и надпартиско гласање“.
Извор: МИА