Еден германски работник од некогашната Германска Демократска Република добил работа во Сибир, СССР. Знаејќи дека писмата ќе му бидат цензурирани, им предложил на своите пријатели да воспостават таен код. Така и било, а се договориле следново: Ако писмото е напишано со обично сино мастило, вистина е; ако писмото е напишано со црвено мастило, лага е.
По еден месец, пријателите на работникот го добиле првото писмо, напишано со сино мастило:
„Овде сé е прекрасно: продавниците се полни, храна има за сите, становите се пространи и соодветно загреани, кината и театрите прикажуваат филмови и претстави од Западот, а има и многу преубави девојки подготвени за љубовни афери. Единствено што недостасува е црвено мастило.“
***
Така е и денес, во животот. Ги имаме сите слободи што можеме да ги посакаме, единствено недостасува „црвеното мастило“. Со други зборови, се чувствуваме слободни бидејќи не ни е достапен токму јазикот потребен за да ја артикулираме нашата неслобода. „Војна против тероризмот“, „демократија и слобода“, „човекови права“ и сл. – сé се лажни термини и ја стеснуваат нашата перцепција на реалната ситуација, наместо да ни овозможат да размислуваме за истата. На протестот на денешницата му фали црвено мастило.