Се буди еден од најопасните вулкани на светот

Кампи Флегреи – супервулканот кој се наоѓа во близина на Наполи, можно е наскоро да се активира, прв пат по 500 години. 

Научниците предупредуваат дека активноста на вулканот оди кон точката во која внатрешниот притисок во вулканот ќе предизвика исфрлање на магма и гасови десет пати посилно од просечното. Притоа, разорниот потенцијал на вулканот е уште поголем од тоа.

„Ако се загреат околните хидротермални карпи, тие можат да ја ослободат својата механичка отпорност, што би предизвикало движење кон критичната точка“, предупредува Џовани Чодини – предводник на студијата објавена во Nature Communication. Според него, тоа би можело да предизвика опасна ерупција, која би загрозила три милиони жители кои живеат во околината, како и бројни културни споменици.

Кампи Флегреи бележи пораст во акумулацијата на магма под својата површина уште од 2005-та. Италијанските власти уште во 2012-та објавија „жолто предупредување“. Доброто од сето тоа е што очигледно научниците активно и континуирано го следат вулканот. Тогаш, пред четири години, тие истакнаа дека ерупцијата би можела да убие милиони, но и дека би имала импакт врз целата планета.

„Таквата ерупција би имала катастрофално влијание врз целата планета, и би можела да се спореди со удар од поголем метеор“, вели Џузепе де Натале – предводник на проектот за следење на вулканската активност.

Депресијата Кампи Флегреи, која е создадена откако вулканот го разнел сопствениот врв, е формирана пред 39.000 години, по најголемата ерупција во Европа во последните 200.000 години. Во близина е и Везув – еден од најпознатите вулкани, чија ерупција има закопано бројни римски населби, вклучувајќи ја и Помпеја во 79 година. И Везув се смета за активен.

За супервулкан, патем, се смета секој вулкан кој е способен да исфрли материјал со волумен од 1000 кубни километри, т.е. 1000 пати повеќе од нормалните ерупции.

[youtube]https://www.youtube.com/watch?v=MqhG7a95Z-E&feature=youtu.be[/youtube]

- Реклама -