СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ изгласа нов закон заедно со дестабилизаторите од ДУИ

Како што и најавија, измените за Законот за локална самоуправа денеска во Собранието ги поддржаа дел од пратениците на опозицискиот „Европски фронт“ предводен од ДУИ

Мицкоски наутро вели дека ДУИ ќе ја дестабилизира државата и дека се криминалци, а попладне во Собранието неговите пратеници гласаат заеднички дилови со ДУИ, реагираат од опозицискиот СДСМ по денешното усвојување на измените на Законот за локална самоуправа, за кои гласаа и дел од пратениците на „Европскиот фронт“.

Седиштето на СДСМ во Скопје / Фото: „360 степени“

Договарања под маса, манипулации и лажните јавни конфликти меѓу двете партии, оценуваат од СДСМ, се методи кои се видени во минатото и веќе не поминуваат.

„Денеска токму со гласовите на ДУИ власта обезбеди двотретинско мнозинство и беа усвоени измените на Законот за локална самоуправа. Додека во јавност Мицкоски демек ги напаѓа, во Собранието си ги реализираат диловите. Пред околу еден месец ДПМНЕ и ДУИ, исто така, со заеднички гласови формираа тело за следење на правична застапеност на заедниците. ВМРО-ДПМНЕ заедно со ДУИ и ЗНАМ на седница го заштитија Гаши од одговорност за сите скандали“,

велат од СДСМ во партиското соопштение.

Претходно денеска, со 85 гласа „за“, 17 „против“ и без „воздржани“, во Собранието поминаа измените на Законот за локална самоуправа по скратена постапка со кои се предвидува продолжување на мандатот на в.д. градоначалниците на Аеродром, Сарај и Гостивар до локалните избори следната година.

Како што и најавија, законските измени ги поддржаа дел од пратениците на опозицискиот „Европски фронт“ предводен од ДУИ. Шест пратеника од Демократската унија за интеграција и еден од Турската демократска партија гласаа „за“ додека другите пратеници од коалицијата не гласаа или не биле на седницата.

- Реклама -