„Ред, правда и дисциплина мора да има во Република Северна Македонија. Сега следува процес на целосно и темелно прочистување на правосудството“, порачуваат од СДСМ.
Од партијата велат дека приоритет на нивната влада е целта која заедно ја зацртале со граѓаните, а тоа е градење на силна ефикасна правна држава која бескомпромисно ќе се бори против криминалот и корупцијата и држава која гарантира независен правосуден систем, и најавуват разрешување на судиите кои ги застаруваат предметите.
„Предметите ќе се следат електронски, па ако се утврди дека некој во правосудството не постапувал со цел да застари предметот, тој судија или обвинител ќе биде разрешен по автоматизам“, велат од СДСМ.
Оттаму најавуваат и детална проверка на имотната состојба на сите судии и обвинители, како и ревизија на 5 отсто од сите судски пресуди во последните 5 години, по случаен избор.
„Поради неопходноста на ред и дисциплина во сите институции, отчетност и транспарентност на службите,се воведува законска обврска за јавна објава на трошоците на сите функционери во централната, локалната, но и судската власт.
Судиите и обвинителите имаат обврска да испорачаат правда и конечно да почне да се применува законот за сите подеднакво. Законот за Јавно обвинителство гарантира дека политиката не може да интервенира во судските одлуки и дека сите предмети од висок криминал и корупција ќе имаат завршница.
Владата и парламентарното мнозинство предводени од СДСМ и во следниот период остануваат посветени на реформите кои обезбедуваат силна, независна и ефикасна правна држава и правда за сите“, порачуваат од владејачката партија.