СДСМ: Со буџетот Владата ќе троши за чоколадо, а за граѓаните ќе има само сув леб

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврдат дека постојано работат на развој и економски раст, што резултира со подобар животен стандард на граѓаните

Опозицискиот СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, освен во собраниската Комисија за финансирање и буџет, водат дебата за предлог-буџетот за 2025 година и преку соопштија во кои доминираат спротивставените ставови на двете партии.  

Седиштето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) / Фото: Архива

Според опозицијата, предлог-буџетот на Владата на премиерот Христијан Мицкоски е најрасипнички во историјата на земјата и, наместо за подобрување на економската состојба, пари од државната каса ќе се трошат за луксуз. 

„Буџетот е тежок 6,5 милијарди евра, толку планира власта да потроши, но наместо за поголеми плати на работниците, повисок животен стандард на граѓаните, образование, здравство, раст и развој на економијата власта ги зголемува трошоците за службени возила и луксуз за 75%. Парите за купување мебел власта на Мицкоски ги зголеми за петпати. Со буџетот владата на Мицкоски предвидува зголемување и на непродуктивните трошоци за стоки и услуги, а во истиот момент ги кратат капиталните расходи во клучни сектори како образование и здравство“,  

велат утрово од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Расипничкото однесување, како што додаваат оттаму, се случува во услови на високо ниво на јавниот долг, кој со новите долгови ќе ја надмине границата од историски највисокото ниво од 70,8 проценти.  

„Со вакви политики, Владата само ќе ја задолжува државата, ќе товари нови вработувања во администрацијата, ќе го зголемува долгот, ќе си троши на стоки и услуги, а за граѓаните ќе нема ништо. За себе Владата на Мицкоски ќе троши за чоколадо, а за граѓаните сув леб“,

велат од СДСМ. 

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврдат дека постојано работат на развој и економски раст, што резултира со подобар животен стандард на граѓаните.  

Оттаму велат дека во предлог-буџетот за 2025 година се предвидени рекордни 50,5 милијарди денари за капитални (околу 820 милиони евра) за капитални инвестиции.  

„Во оваа сума, колку за илустрација, вклучени се проекти како патната инфраструктура за коридорите 8 и 10-д, потоа експресни патишта, железници, изградба на објекти. Во работата на овие капитални инвестиции ќе бидат вклучени сите надлежни министерства. Дека Владата е насочена кон развој се гледа и од основниот податок за зголемување на средствата за Министерството за транспорт за речиси 70 проценти или околу 7 милијарди денари повеќе“,

се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ објавено утрово.  

Додаваат дека Владата предводена од нив со буџетот за 2025 година планира инвестиции во инфраструктура, училишта, градинки, болници и други јавни објекти. 

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: Архива

Пратениците вчера, трет ден по ред, расправаа за предлог-буџетот за 2025 година во собраниската Комисија за финансирање и буџет. Од дел од народните избраници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ можеа да се слушнат оптимистички прогнози дека економскиот раст следната година би можел да достигне и над четири проценти, што е повеќе од проектираните 3,7 отсто. Од другата стана, пак, нивните колеги од опозицискиот СДСМ се на став дека Предлог-буџетот е манипулативен и скроен за предизборни цели на владејачките партии за локалните избори в година.

 

 
 

- Реклама -