СДСМ: Се надеваме дека Арсовска и Мицкоски разговарале за поделбата на медот за конечно да престанат да го уништуваат Скопје

Од СДСМ оценија дека е добро што се одржала средба меѓу Мицкоски и Арсовска, „за граѓаните конечно на едно место да ги видат оние кои го уништија Скопје“

Очигледно е дека премиерот Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа Златко Перински и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на средбата не успеале да се договорат за своите интереси, па скопјани повторно ќе бидат жртви, реагираат од СДСМ по состанокот меѓу владиното и градското раководство кој се одржа попладнево на „Илинденска“.

Од СДСМ оценија дека е добро што се одржала средба меѓу Мицкоски и Арсовска, „за граѓаните конечно на едно место да ги видат оние кои го уништија Скопје“. 

„Се надеваме дека на оваа средба се разговарало и за поделбата на медот за конечно да престанат меѓусебно да се блокираат и да го уништуваат Скопје. Арсовска, Мицкоски и Перински треба да излезат заедно на прес-конференција и да кажат што планираат да прават во однос на проблемите со ѓубрето, автобусите и целиот хаос во кој тоне градот, наместо да пуштаат празни соопштенија и да ги фрустрираат скопјани. СДСМ со години предупредува дека пропаднатите зделки и бизнис-интереси се единствената причина зошто и Мицкоски и Арсовска се скараа. Тие сега имаа можност конечно да ги надминат недоразбирањата и во овој краток период кој им преостанува до локалните избори да барем малку ја поправат состојбата“,

се наведува во соопштението на СДСМ.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, до четврток треба да изработи план за тоа како да се поправат состојбите во Градот и во јавните претпријатија и тој план да биде презентиран пред Советот, по што Вадата ќе види на кој начин ќе може, согласно законските можности, да помогне во реализацијата на истиот. Ова е исходот од денешната средба на Арсовска со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Затко Перински, која се одржа во Владата.

Како што рече Перински на прес-конференција, по состанокот биле уште позагрижени отколку пред него. Очекувале некаков предлог од Арсовска за тоа како да се решат проблемите, но, како што посочи тој, такво нешто не добиле, освен критика насочена кон Советот која, според Перински, е неоснована.

На средбата тој и премиерот не побарале од Арсовска да си замине.

„Состанокот беше во конструктивна насока да видиме кои се решенијата, не е решение Арсовска сега да си замине, кородирна е состојбата во девет јавни претпријатија, некој треба да одговара за тоа“,

дециден беше Перински.

- Реклама -