„Охридскиот Рамковен договор е мировен договор кој ја отслика фактичката реалност – дека фундаментот на државата е граѓанскиот концепт на соживот меѓу македонскиот народ и другите етнички заедници.
Жалиме што и после 20 години, безидејните политичари како Христијан Мицкоски се уште обидуваат својата политичка егзистенција да ја остваруват преку сеење поделба меѓу граѓаните“, порачаа денеска од СДСМ, како одговор на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да присуствуваат на прославата на 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
„ВМРО-ДПМНЕ не може да избега од сопствениот учинок во црните страни на нашата понова историја. Воениот конфликт во 2001 се случи за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога бегалецот и осуден криминал Никола Груевски беше министер за финансии“, посочија од владејачката партија.
Тие потсетуваат и дека Рамковниот договор, како документ кој донесе прекин на воените дејствија, е потпишан и од ВМРО-ДПМНЕ. Бегањето од одбележување на 20 годишнината од Рамковниот договор, велат од СДСМ, е тешко политичко лицемерие кое потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ сеуште е заглавена во поделбите по етнички линии.
„’Македонија на сите луѓе’ се покажа дека е уште една лага, не се прави со игнорирање на концептот на граѓанска држава и со промовирање чисто етнички политики. Македонските национални интереси не се штитат со бегање, туку со решавање на проблемите.
Ако политичкиот пироман Христијан Мицкоски не е свесен дека сме полноправна членка на НАТО Алијансата, ќе го освестат граѓаните кои ќе го казнат на претстојните локални избори“, се додава во соопштението.