СДСМ поднесе закон за укинување на ДДВ-то за прехранбените производи

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска во Собранието поднесе Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, со кој се предвидува укинување на ДДВ-то за прехранбените производи, односно од 5% на нула проценти ДДВ, за сите основни производи за исхрана.

Предлог-законот, денеска на прес-конференција во Собранието, го претстави претседателот на СДСМ, Венко Филипче според кого, измените ќе значат месечна заштеда за граѓаните од 1.200 до 2.000 денари.

-Она што е најважно е дека за спроведувањето на предлог-законот не е потребно обезбедување на финансиски средства и оваа мерка нема да може да биде изиграна од трговците како што тоа се случи со мерките на Владата на Христијан Мицкоски, рече Филипче, и ги повика сите пратеници, без разлика на политичката идеологија, да го поддржат законот.

Филипче, посочи дека владината мерка за „наводно поевтини основни прехранбени производи“, се покажала како целосно неефикасна и дека потрошувачката кошничка се намали само за 57 денари додека истовремено платите паѓаат.

Лидерот на СДСМ, меѓу другото, повторно ја повика Владата веднаш да почне да го применува Законот за нефер трговски практики, со кој, како што посочи, ќе се заштити буџетот на граѓаните и ќе го намали самоволието на трговците и добавувачите.

-Владата да престане да тактизира со Законот за нефер трговски практики и веднаш да почне неговата примена. Овој закон опфаќа над 2.600 земјоделски производи кои се веќе дефинирани и готово применливо решение што го донесе Владата на СДСМ, изјави Филипче.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи предлогот на СДСМ за укинување на ДДВ-то на прехранбените производи

Филипче, исто така, рече дека СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за зголемување на минималната плата на 450 евра, кој беше одбиен од владината коалиција со образложение дека нема фискални импликации.

-СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за зголемување на минималната плата на 450 евра, кој владината коалиција го одби со образложение дека нема фискални импликации. А, во исто време прифати други закони поднесени од ВМРО-ДПМНЕ без фискални импликации. Најостро го осудуваме функционирањето на Собранието по двојни стандарди и имплементирањето на пракси на делување согласно индивидуални толкувања на деловникот, рече Филипче.

Владата предводена од СДСМ, потсети СДСМ, во период од седум години, креирала политики за постојан раст на платите и подобрување на животниот стандард на работниците.

На прес-конференцијата, Филипче порача дека во овој период граѓаните очекуваат одговорни политики и мерки кои ќе резултираат со реални ефекти.

-Ова не е време за празни зборови, туку за храбри и одговорни политики кои ќе обезбедат видливи резултати. Граѓаните заслужуваат Влада која се грижи и работи во интерес на граѓаните. СДСМ како одговорна партија, секогаш ќе биде на страната на граѓаните. Нашата борба е за секое семејство да има достоен живот, подобар животен стандард со кој сите граѓани ќе можат да ги покријат основните потреби без грижа, посочи Филипче.

- Реклама -