„На виделина е спрегата на Христијан Мицкоски со тајкунот на режимот – Орце Камчев – обвинето лице во судски предмети а од вчера и во притвор“, обвини денеска портпаролката на СДСМ – Богданка Кузеска.
Според СДСМ, спрегата се гледа во тоа што токму Тони Менкиновски, кој е претседател на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ и, според Кузеска, човек близок на Христијан Мицкоски, му е адвокат и го брани Орце Камчев.
Како што истакна Кузеска, Менкиновски бил и главен „преговарач“ на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во разговорите за Законот за јавно обвинителство.
„Уште тогаш велевме дека Мицкоски прави сѐ за да пропаднат случаите на СЈО отворени пред македонските судови и да се спасат криминалците на режимот. И ова сега е потврда на тоа и на неговата улога.
Поставен на браникот на криминалот, токму Мицкоски во една јавно објавена снимка потврди дека е единствен којшто се бори против случајот Империја и против Законот за Јавно обвинителство.
ВМРО-ДПМНЕ, не си ги бара парите 1,3 милиони евра, наводно украдени од донации за партијата, како што е наведено во предметот, туку го брани Камчев. На оваа партија, очигледно поважен и е Орце Камчев отколку сопствените финансии.
Почитувани, јасна е поврзаноста меѓу Христијан Мицкоски и Орце Камчев. Она што е важно е дека докажаниот губитник, Христијан Мицкоски, не успеа да го спречи носењето на Законот за јавното обвинителство, не успева ниту да ги одбрани криминалците во своите редови. Правдата е тука, секој што го прекршил законот, мора да одговара“, порача портпаролката на СДСМ.