СДСМ објави бугарска лична карта за која тврди дека ѝ припаѓа на Данела Арсовска

„Од вистината нема бегање“, со овие зборови пратеничката на СДСМ – Славјанка Петровска, денеска на прес-конференција објави фотокопија од уште еден документ, кој наводно ја покажува личната карта на противкандидатката на Петре Шилегов – Данела Арсовска, издадена од бугарските власти.

„Бугарско државјанство, бугарска лична карта на Арсовска. Со номер, со дата на раждане, потпис, со адреса во градот Петрич која патем сѐу ште е важечка.

Оваа лична карта на Арсовска е издадена на петти мај 2017 година, само една недела по крвавиот четврток – 27 април и насилниот упад во Собранието“, истакна Петровска.

Фото: СДСМ

„Г-ѓа Арсовска, со каква намера и цел ја подигнавте бугарската лична карта само неколку денови откако пропадна обидот да се убијат пратеници и да се спречи демократска промена на власта?“, праша пратеничката.

„Нервозните реакции на кандидатката на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска не можат да го сокријат фактот дека таа пред 10 години добила бугарско државјанство, а пред четири години добила и бугарска лична карта и сето тоа го криела од јавноста.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

Тоа што има Арсовска е нејзино право, спорно е што крие од граѓаните и ги потценува. Бадијала се лути Даниела или Данела и спомнува некаков алманах, поголем доказ за идентитет од лична карта нема. Од вистината никој не побегнал. Ваков потценувачки однос, вакви подметнувања не проаѓаат кај граѓаните на Скопје“, порачаа од СДСМ.

Арсовска, уште вчера во ТВ интервју, ги отфрли наводите од СДСМ, нарекувајќи ги „срамни небулози“, потенцирајќи дека е крајно разочарана од таквата валкана кампања, но и дека знаела во што се впушта и била подготвена на сѐ и нема да се повлече.

- Реклама -