СДСМ: „Мицкоски во Будимпешта по нови инструкции за референдум кај Груевски“

„Мицкоски повторно е во Будимпешта веројатно по нови инструкции од неговиот ментор Груевски, а со единствена цел како да се однесува во овој момент поврзано со барањето за референдум“, обвини пратеникот на СДСМ – Мартин Костовски, на партиска прес-конференција, на тема референдумот за преговарачката рамка што го подготвува ВМРО-ДПМНЕ.

„Мицкоски и Апасиев не успеаја во нивните намери, нивните лаги и црни сценарија пропаднаа. Сега се излоирани во обидите да се создадат нови пречки на европскиот пат на државата. Причините за тоа треба да си ги бараат кај себе“, рече Костовски.

Според него и СДСМ, темата со референдумот е само за внатрешна употреба во ВМРО-ДПМНЕ.

„Сѐ што кажа Мицкоски излезе обратно: Нема бугаризација, нема асимилација, почнавме преговори со ЕУ со чист македонски јазик и зачуван идентитет. Никој не му е виновен на Мицкоски што ги лажеше граѓаните, своите членови и другите партии. Никој не му е виновен што неговите пратеници не гласаа во Собранието, ниту што ги тераше да потпишуваат правно неважечки изјави на нотар“, рече Костовски.

Претходно, на неговиот Фејсбук профил, Мицкоски информираше дека заедно со потпретседателот на партијата – Александар Николоски, се во посета на Будимпешта и оствариле средба со унгарскиот премиер и претседател на партијата ФИДЕС – Виктор Орбан.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Како што соопшти Мицкоски, на средбата се разговарало за ЕУ интеграциите на Македонија.

„Го истакнав ставот на ВМРО-ДПМНЕ и на македонскиот народ дека интеграцијата е неопходна, но таа да биде достоинствена и со зачувување на идентитетските обележја на народот“, информира лидерот на најголемата опозициска партија.

На средбата, како што вели тој, забележано било и дека Македонија и ЕУ ги очекува најтешката зима во историјата, со големи потешкотии на енергетски план во снабдувањето со енергенси.

„Нотиравме дека владата во Македонија не ги прави потребните чекори во справување со енергетската криза, не се обезбедуваат навремено јаглен, мазут, гас и нафтени деривати, туку кога ќе дојде пикот на кризата се даваат големи суми на пари неколкукратно над тоа што можело да се потроши ако на време се обезбеделе истите тие ресурси“, соопшти Мицкоски.

На средбата, нотирани биле и предизвиците од мигрантската криза која е проблем како за Македонија, така и за ЕУ, додаде тој.

- Реклама -