СДСМ:
„Со усвојувањето на уставните измени, Македонија отвори нова, светла страница на иднината, стабилноста, безбедноста и економскиот напредок.
Спроведувањето на Договорот од Преспа ги отвори перспективите, процесите за членство во НАТО и ЕУ се во финална фаза.
Македонија станува 30 земја членка на НАТО, а во оваа 2019 година, се очекува и почеток на преговорите за членство во Европската Унија и отворање на првите поглавја“, порачуваат од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ:
„Само Зоран Заев и СДСМ може да слават дека го промениле името на државата и идентитетот. Mакедонскиот народ е разочаран заради губењето на името, идентитетот, историјата и културата, а СДСМ на чело со аболицираниот Заев слават и се гордеат дека ги продале државните и национални интереси.
СДСМ и Заев спротивно на јасно искажаната волја на македонскиот народ на референдумот тргнаа насилнички да го спроведуваат капитулантскиот договор од Преспа.
Иако не добија мандат од граѓаните за овој срамен чин тие сепак по пат на закани и уцени се пазареа со националните и државните интереси и ги променија уставното име и идентитетот на Република Македонија.
Заев викаше дека не постои човек кој ќе се дрзне да го менува името и дека промената на името е лага на ВМРО-ДПМНЕ. Се колнеше во неговите татко, дедо како и сопствените деца, но откако дојде на власт прва и единствена работа на која беше фокусиран беше како да го промени името и како да ја зацрни државата“, одговараат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ:
„2019 ќе биде година на интергација, но и година на економски раст и развој и повеќе пари кај граѓаните.
Предвидено е уште едно зголемување на минималната плата, што значи повеќе пари кај работниците, кај семејствата.
Платите ќе растат во сите сектори, вработените во здравството, образованието, детската и социјална заштита, одбраната, судството, полицијата добиваат поголеми плати за 5 отсто, а преку зголемената помош за претпријатијата, платите ќе растат и во приватниот сектор.
Оваа година се воведува уште една клучна мерка, граѓаните ќе добиваат поврат на ДДВ од 15 отсто за купените производи или платените услуги, со што во секое семејство ќе се обезбеди дополнителен годишен приход.
Реформираниот систем на социјална заштита, ќе обезбеди лицата приметли на социјална помош да добиваат и до 300 отсто зголемена социјална помош, а ќе се зголеми и опфатот на деца кои ќе добиваат детски и образовен додаток.
Владата предводена од СДСМ продолжува со спроведување на мерките што обезбедуваат напредок, интеграција, економски раст и повисок животен стандард за сите граѓани“.
ВМРО-ДПМНЕ:
„СДСМ и Заев покажаа дека немаат никаква врска со европските вредности. Корупцијата го достигнува својот зенит, економијата тоне, a граѓаните стануваат се посиромашни, додека функционерите од власта и нивните семејства стануваат се побогати.
Граѓаните се свесни дека ова беше власт за една намена и токму затоа нема да дозволат повеќе државата да назадува. Токму затоа се потребни предвремени парламентарни избори заедно со претседателските и конечно да завршат сите овие црнила и зла кои СДСМ и Заев им ги нанесуваат на државата и граѓаните.
Заев и СДСМ ќе ги снајде казната токму од македонските граѓани чии одлуки сега не ги почитуваат. ВМРО-ДПМНЕ жестоко ќе ја порази оваа криминална власт на аболицираниот Заев и СДСМ и ќе стори се што е во негова моќ да ја исправи неправдата и да го врати тоа што СДСМ сега го продава. Република Македонија и граѓаните заслужуваат подобро“.