„СДСМ ја зголеми двојно минималната плата – од 8.800 денари во време на ВМРО-ДПМНЕ, на 18.000 денари. СДСМ го цени и го вреднува трудот на работниците, вистински се грижи за зголемување на стандардот на граѓаните“, реагираат од владејачката партија по повод амандманот на Законот за минимална плата кој го поднесе ВМРО-ДПМНЕ и прес-конференцијата на лидерот на партијата – Христијан Мицкоски.
„ВМРО-ДПМНЕ и негови високи функционери како Трајко Славевски и Данела Арсовска жестоко се противеа на секое зголемување на минималната плата. Додека ВМРО-ДПМНЕ како власт со години ја држеше минималната плата замрзната и ги дискриминираше работниците во одредени индустрии.
Груевски и Мицкоски ја промовираа нашата земја како РАЈ ЗА ЕВТИНА РАБОТНА СИЛА. Денес лицемерно кажуваат дека ја поддржуваат минималната плата“, порачаа од СДСМ.
„Лицемерен е амандманот на ВМРО-ДПМНЕ за усогласување на платите во јавниот сектор а истата таа партија 10 месеци ги блокира законските измени со кои 4.700 наставници во основното и средно образование ќе добијат трајно вработување и поголеми плати за сите наставници.
Барањето на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е задоцнето, Владата веќе најави и кажа на економско-социјалниот совет дека дијалогот за усогласување на платите во јавниот сектор ќе следи, секое усогласување на платите во јавниот сектор ќе се одвива низ социјален дијалог“, се додава во соопштението.