„Христијан Мицкоски и директно ја демантира неговата кандидатка Гордана Силјановска, која лажно и неискрено се претатавува дека е натпартиски кандидат“, велат од СДСМ.
„Мицкоски порача дека Силјановска е многу повеќе ВМРО-ДПМНЕ отколку многу други во партијата. Пропадна обидот на Силјановска лажно да се претставува како натпартиски кандидат. За само три дена Силјановска пласираше три големи лаги со што се профилира како поддржувач на лагите и лажните вести на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението.
Според СДСМ, Силјановска лаже дека е натпартиски кандидат, а всушност е кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ. Силјановска лаже и дека е за правда, а брани криминалци и насилници, велат од партијата. Исто така, Силјановска лаже дека не го признава и нема да го користи уставното име на државата, а од официјалниот документ се гледа дека е потпишана на кандидатура за претседател на Република Северна Македонија, истакнуваат од СДСМ.
„Неприфатливо е претседателски кандидат да ги лаже, да ги манипулира гласачите, да говори едно, а друго да прави. Затоа, на изборите, граѓаните нема да дозволат лицемери и партиски послушници да застанат на чело на државата“, се вели во соопштението.