СДСМ: Ги повикуваме на соработка сите демократски сили и пратеници, нема да дозволиме дестабилизација и поништување на сѐ што постигнавме

„Народот виде како на иста маса седнале претставниците на анти-НАТО, анти-ЕУ, анти-Преспа и анти-демократските структури во земјава, учесниците во крвавите дејствија од 27 април, заедно со оние кои декларативно се залагаат за евро-атланскиот курс на земјата и тепани на истиот 27 април.

Овој состав значи конфликт на принципи, конфликт на ставови, конфликт на политики и конфликт на вредности. Таков политички состав не може да испорача ништо за интересот на граѓаните, ниту пак за националните интереси на државата, бидејќи единственото заедничко на таа маса е желбата за власт“, порачаа доцна синоќа од СДСМ, откако лидерот на најголемата опозициска партија – ВМРО-ДПМНЕ, прв соопшти дека има ново парламентарно мнозинство.

Од СДСМ велат дека доколку навистина има ново парламентарно мнозинство, очекуваат тоа да се потврди низ соодветните собраниски процедури и евентуален избор на нова Влада, односно ќе се види дали, според нив, ќе се избере нова анти-демократска, анти-Преспа, анти-НАТО и анти-ЕУ Влада.

Од СДСМ велат и дека евентуалното ново мнозинство ќе треба да ја преземе одговорноста за справување со пандемијата и со енергетската криза, како и одговорноста за предизвиците кои следат со европските интеграции на земјата и усвојувањето на Буџетот за 2022 година, што, нагласуваат, е најодговорно во овој момент.

Прочитајте и:  Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се секогаш подготвени, вели Мицкоски

„Деновиве ќе видиме дали Мицкоски има капацитет и одговорност за овие чекори и одговорности.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е на страната на граѓаните, на страна на националниот интерес и напредокот на државата. СДСМ нема да дозволи дестабилизација на земјата, поништување на Договорот од Преспа, нови кавги со соседите и поништување на сѐ што постигнавме заедно со граѓаните во изминатите четири години“, се вели во соопштението.

„Има подржувачи на евроатлантската иднина помеѓу пратениците на политичките партии кои вечерва најавуваат ново мнозинство. Има меѓу тие пратеници луѓе кои не сакаат да влезат во пакт со нацистите и фашистите од Левица која е отворено против НАТО. Ги повикуваме на соработка и одговорно застанување на страната на демократската опција.

Ги повикуваме сите демократски сили и пратеници кои сакаат продолжување на вистинскиот пат, патот на напредокот, на интеграциите во ЕУ, на правдата и економскиот напредок да не дозволат да остават траен печат со својот глас и да бидат споменувани како пратеници и луѓе кои ги донеле новите кавги со соседите, уназадувања на патот кон ЕУ, нови меѓуетнички конфликти“, порачаа од партијата.

- Реклама -