СДСМ: Арсовска е унгарски конзул со бугарско државјанство, не може странска инсталација да го води Скопје

Данела Арсовска е странска инсталација, Скопје нема да го води унгарски конзул со бугарско државјанство – порача денеска на прес-конференција пратеничката на СДСМ – Славјанка Петровска.

Таа презентираше документ кој, според СДСМ, покажува дека „кандидатката на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ“ (како што ја нарекуваат од владејачката партија) во 2011 година се стекнала со бугарско државјанство.

„Во ‘Удостоверение’ од бугарското министерство за правда, јасно се наведува дека вицепретседателот на Бугарија со Указ од 2011 ѝ дал на Арсовска бугарско државјанство“, рече Петровска.

ФОТО: СДСМ

„Цели десет години Данела Арсовска има резервна татковина. Од кои побуди г-ѓо Арсовска побаравте бугарско државјанство? За чии интереси одработувате? За унгарските? За Бугарските? За оние на Груевски?“, праша Петровска.

„Не може Арсовска да се грижи за интересите на скопјани кога има бугарско државјанство и е почесен Конзул на Република Унгарија“, порача таа, додавајќи дека тоа е класично потценување и навреда на скопјани.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

„Зарем мислите дека скопјани ќе дозволат некој кој е инсталација на Груевски од Будимпешта, некој кој е државјанин на друга држава, да го руши градот? Даниела Арсовска, со бугарско државјанство и почесен конзул на Унгарија, не проаѓа во Скопје. Странски инсталации кои работат директно против интересите на граѓаните нема да поминат“, порача пратеничката на СДСМ на прес-конференцијата, повикувајќи ги граѓаните на 31 октомври масовно да излезат на гласање и да не дозволат, како што рече, „туѓи интереси да ни одработуваат среде главниот град“.

- Реклама -