На жените, вклучувајќи ги и Саудијките, исто така им е дозволено да изнајмат хотелска соба сами, со што се напуштени претходните регулативи.
Оваа мерка се чини дека подготвува услови за жените без придружба полесно да патуваат и невенчани странски посетители да останат заедно во таа заливска земја, каде што секс надвор од бракот е забранет.
Саудиската комисија за туризам и национално наследство го потврди извештајот во петокот за весникот на арапски јазик Оказ, додавајќи: „Од сите саудиски државјани се бара да покажат потврда за семејството или доказ за сродство при пријава во хотел. Ова не се бара од странски туристи. Сите жени, вклучително и Саудијките, можат да се пријават и да останат во хотел, сами, со лична карта при пријавата“, се забележува.
Саудиска Арабија минатата недела ги отвори своите врати пред странските туристи од 49 земји, обидувајќи се да го подобри тој сектор и да ги зајакне другите извори на заработка, за да не се потпира само на заработката од извоз на нафта.
Како дел од оваа мерка, објавено е дека посетителите не мора да носат црна облека која целосно покрива, но мора да бидат соодветно облечени.
Алкохолот сè уште е забранет.
Саудиска Арабија е релативно затворена со децении и до неодамна мажи и жени кои не се во сродство, вклучително и странци, можеле строго да бидат казнети за мешање во јавноста.
Така, социјалните правила во последниве години се ублажени, а претходно забранетата забава во таа земја процвета.