Традиционално и оваа година, во пресрет на 28 Август – Денот на рударите, рудникот САСА, за своите над 760 вработени обезбеди парични награди и пригодни подароци. Дополнително, вкупно 122 вработени, меѓу кои најдобриот рудар во САСА за изминатата година, како и оние што дале особен придонес за безбедноста и здравјето при работа и за остварување на безбедно и стабилно производство, добија и дополнителни парични награди, подароци и признанија.
Честитајќи им го Денот на рударите на сите вработени во САСА, како и на вработените во целокупната домашна рударска индустрија, генералниот директор на САСА Кристофер Колбурн изјави: „Горди сме со сѐ што направивме како тим во изминатиот период, особено во делот на безбедноста и благосостојбата на вработените, кои биле и ќе останат наш највисок приоритет и постојана грижа. Со големи залагања од сите и континуираната поддршка што ја добиваме од Централ Азија Металс, САСА и во следниот период ќе продолжи по патот на успехот и одржливиот развој, обезбедувајќи благосостојба за своите вработени, поддржувајќи ја локалната заедница и придонесувајќи за просперитетот на земјата. Од клучно значење за ваквиот одржлив развој се новите капитални проекти, вредни над 40 милиони долари, во чија реализација бележиме значаен напредок, а кои ќе обезбедат безбедна, еколошки одговорна и стабилна работа на САСА и во годините што следуваат“.
Инаку, оваа година, како дел од својата континуирана грижа и поддршка за заедницата, САСА одлучи да ги откаже сите интерни свечености поврзани со прославата на Денот на рударите, а планираните средства за нивната организација да ги пренамени во проект за зголемување на безбедноста во сообраќајот во локалната заедница. Заради осмислување и реализација на овој проект, САСА во следниот период ќе воспостави комуникација и соработка со надлежни домашни институции и организации од оваа област. Ваквата одлука на САСА следува по зачестените сообраќајни несреќи со трагични последици кои во последно време се случуваат во овој регион од земјата.
Рудникот за олово и цинк САСА е најголемиот подземен македонски рудник. Од ноември 2017, САСА е дел од Централ Азија Металс, интернационална рударска компанија која котира на Лондонската берза (AIM: CAML). Од влезот на Централ Азија Металс до сега во САСА се инвестирани околу 60 милиони долари, во нова рударска опрема, во модернизација и дигитализација на технолошките процеси, во безбедноста, стандардите и работните услови во рудникот, како и во професионалниот развој и едукација на вработените. Преку својата Фондација за поддршка на одржливиот развој, САСА секоја година вложува и повеќе од 400.000 долари во различни области значајни за животот и просперитетот на луѓето и локалната заедница, како што се: образованието, науката, животната средина, здравствената заштита и ранливите социјални групи.
* Комерцијален текст