САС на МПЦ-ОА ги прифати архијереите на поранешната ПОА и и им определи епархии и задолженија

Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), по канонскиот отпуст на архијереите г. Јован, г. Јоаким, г. Марко и г. Давид од Соборот на СПЦ, денеска ги прифати во своја канонска јурисдикција и им определи епархии и задолженија.

Синодот на својата редовна седница во пленарен состав одлучи Крушевско-демирхисарската епархија да ја предводи митрополитот г. Јован, со титула митрополит крушевско-демирхисарски, Дељадровско-илинденската епархија – епископот г. Јоаким, со титула епископ дељадровско-илинденски, Делчевско-каменичката епархија – епископот г. Марко, со титула епископ делчевско-каменички, а епископот г. Давид го назначи за викарен епископ на Скопската епархија, со титула епископ дремвитски.

Со света архиерејска литургија во црквата „Света Софија“ во Охрид на 5 јуни овој месец беше припоена Православната Охридска Архиепископија (ПОА) со МПЦ-ОА. Светата архиерејска литургија се одржа по повод годишнината од врачувањето на актот на Соборот на СПЦ од страна на српскиот патријарх Порфириј на архиепископот охридски и македонски , г.г Стефан со кој СПЦ одобри и упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА, со што се стави крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.

Извор: МИА

- Реклама -