Скопје, 14 декември 2021 (МИА) – Истрагата за автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија во која загинаа 45 лица е при крај. Се очекуваат само резултатите од вештачењата – судско-медицинска, техничка и пожарно-техничка. Тие би можело да бидат готови пред Божиќ, (з.а. на 25 декември), изјави денеска за БНТ шефот на бугарската Националната истражна служба – Борислав Сарафов.
Според Сарафов, податоците во моментот покажуваат дека брзината на автобусот најверојатно била несоодветна со условите на патот, а ноќта на инцидентот врнел дожд и патот бил влажен.
„Брзината на автобусот била прилично несоодветна со условите на патот. Мислам дека возел над 90 км/ч. Барањата на еден професионален возач на автобус се повисоки отколку за кој било друг возач“, рече Сарафов.
Кажа и дека нема причинско-последична врска меѓу несреќата, патната сигнализација и ознаките. Појасни дека можеби придонеле, но возачот морал да биде повнимателен и да вози со соодветна брзина. Сепак, Сарафов посочи дека ознаките на патиштата „очигледно не ги исполнуваат условите“.
Досега истрагата покажува дека автобусот од се уште непозната причина скршнал надесно и удрил во заштитната ограда која го дели просторот за одмор од автопатот. Од ударот се дупнал резервоарот за гориво, избувнал пожар и возилото се заглавило меѓу заштитните огради што ги делат двете ленти на автопатот.
Увидот на бугарското Министерство за регионален развој и јавни работи на местото на инцидентот покажа дека тротоарот е во одлична состојба, но ознаката е дотраена, а не е извршена и пролетната наредба за негово реновирање.
Во автобуската несреќа што се случи на 23 ноември загинаа 45 лица, а седуммина беа повредени.