Грчкиот остров Санторини – еден од најубавите и најпознатите, веќе не може да го поднесе бројот на туристи, сметаат од Комитетот за транспорт при Европскиот парламент (TRAN Commitee).
За порастот на бројот на туристи на Санторини доволно е да ги споредиме бројките од 2012-та и 2017-та. Во 2017-та островот угостил максимални 5.5 милиони посетители, што е за 66% повеќе од 2012-та, кога островот го посетиле „само“ 3.3 милиони туристи.
Во 2018-та, пак, во пристаништето пристигнале 474 крузери со околу 750.000 патници, што е за 130.000 туристи и 70 бродови повеќе од 2017-та. Во превод, од вкупниот број туристи дневно – 18.000, дури 2.000 доаѓале само од крузерите.
А дека туристите го закрчуваат и без тоа малиот остров, се гледа по фактот што во текот на 2017-та на километар квадратен имало по 107.8 туристи на секои 100 жители.
Иако големиот број туристи му носат десетици милиони евра на островот, заедно со нив му носат и низа проблеми – од загрозување на животната средина, па до недостаток на вода и струја. Згора на тоа, навалата на туристи резултира и со дуплирање на бројот на илегални сместувања договорени преку сервиси од типот на AirBnb, од кои властите немаат никаква корист. Капак на сé е што во последно време и самите туристи се жалат на бројот на туристи и застоите во сообраќајот што произлегуваат од нив.
Според Европскиот парламент, одговорноста за ситуацијата ја сноси грчката влада, која морала да ги предвиди туристичките текови и да преземе соодветни мерки за одржување на редот на островот, со цел да ги заштити како жителите, така и самиот Санторини.
Некоординираноста меѓу локалната самоуправа и министерството за туризам сега доведе до серија проблеми кои Грција ќе ја чинат повеќе од тоа што го добива од самиот туризам, смета Европскиот парламент. Според нив, од примерот на Санторини ќе треба да учат и други дестинации во Грција, особено тие на полуостровот Пелопонез.