„Samsung“ ги предупреди корисниците да избегнуваат да коментираат и издаваат лични информации пред своите паметни телевизори.
Предупредувањето се однесува на луѓето кои го контролираат својот „Samsung Smart TV“ преку гласовни команди, пишува „BBC“.
Овие телевизори го „слушаат“ секој разговор што се случува пред нив и можат да ги споделат информациите што ги слушаат, со „Samsung“ или со други, посочуваат од компанијата.
Активистите за заштита на личните податоци велат дека технологијата потсетува на екраните кои ги шпионираат граѓаните во книгата на Џорџ Орвел „1984“.
Предупредувањето излезе на виделина преку приказна раскажана во онлајн списанието „Daily Beast“, што објави извадок од правилата за приватност на „Samsung“ поврзани со нивните паметни телевизори.
Во документот се објаснува дека телевизорот ги слуша луѓето во собата и се обидува да препознае кога тие издаваат команди насочени кон него.
„Ако кажаното од Вас содржи лични или други деликатни информации, оваа информација ќе биде меѓу податоците кои ќе бидат снимени и предадени на трета страна“, стои во упатствата на „Samsung“.
Корин Макшери (адвокат) се занимава со интелектуална сопственост во „Electronic Frontier Foundation“ (EFF), тврди дека третата страна најверојатно е компанија која го претвора говорот во текст што треба да го испорачува до „Samsung“.
„Ако бев корисник, јас би сакал да знам која е таа трета страна и дефинитивно ќе сакам да знам дали зборовите ми се предадени во заштитена форма“, коментира таа.
Потоа „Samsung“ даде изјава, за да објасни како точно работи говорната активација.
Компанијата наведува дека нејзината политиката за доверливост на податоците е задолжителна, како и тоа дека таа е транспарентна во својата дејност, па им помога на корисниците да направат информиран избор дали да користат некои функции на своите паметни телевизори. Компанијата додава дека ја прифаќа заштитата на личните податоци на корисниците „многу сериозно“.
Од компанијата дополнуваат дека предметните податоци се испраќаат до серверот, кој ја бара бараната содржина и дури тогаш враќа за посакуваната команда на телевизорот.
Компанијата наведува дека потрошувачите секогаш знаат дали говорна активација е вклучена, бидејќи иконата на микрофонот се гледа на екранот.