Самоуправувачките автомобили на Гугл обвинети дека прават бељи низ Калифорнија

Самоуправувачките автомобили на Гугл до сега се инволвирани во 11 сообраќајни несреќи, и тоа само во Калифорнија. Компанијата инсистира дека во ниту еден од случаите не се виновни „невидливите возачи“.

Директорот на одделот за самоуправувачки автомобили на Гугл напиша дека сите 11 несреќи се „мали“, со занемарувачка штета и без повреди, и се исклучително ретки – се случиле по милион извозени милји. Освен тоа, компанијата не објави никакви извештаи, па на ентузијастите, но и на критичарите на оваа нова технологија им останува само да им веруваат на зборот.

Инаку, автомобилите на Гугл се направени да бидат најбезбедните автомобили на сите времиња. Крушковидната заоблена форма на новите модели е неопходна заради дузината сензори кои автомобилот ги користи за да го „гледа“ светот во 3-Д и да реагира на сé – од светлата на семафорот, па до рачните сигнали на сообраќајците. Имаат видно поле од 360 степени и „гледаат“ далеку и до 90 метри, и тоа високодетално. Реагираат буквално на сé што ќе ви текне, било да се тоа велосипедисти и нивната сигналицазија, па до сообраќајни конуси поставени на патот.

gcars

Највисоката технологија што ја имаат самоуправувачките автомобили на Гугл е скапиот ласерски радар Lidar, сместен на кровот, но исто така се опремени и со стерео 3-Д камери и радарски детектори. Уникатниот компјутер на контролната табла е оној што ги носи одлуките, користејќи претходно вметнати ултра-детални 3-Д мапи од патот и околината, кои ги покажуваат лентите за движење и сообраќајните знаци кои Гугл ги гради користејќи обични автомобили.

Читајќи го сето ова, се чини јасно е кој е виновникот за оние 11 „несреќни случаи“. Тешко дека „настраданите“ во нив имаат толку многу сензори, нели?

- Реклама -