Само шест пратеници од новиот парламентарен состав не поднеле изјава за имотна состојба до ДКСК

Заклучно со денеска, имајќи предвид дека истече рокот за пријавување на имотот од актуелниот пратенички состав, само 5 проценти од пратениците, односно шест пратеници воопшто немаат доставено изјава за имотна состојба и интереси, по изборот на функција пратеник, додека 7,5 проценти од пратениците, односно на девет пратеници се уште им тече рокот од 30 дена во кој треба да ја исполнат оваа законска обврска, изјави вечерва претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Татјана Димитровска.

– Морам да кажам дека ваквиот голем број, односно ваквиот интерес и почитување на законската обврска функционерите да го пријавуваат својот имот се должи на нашата проактивна улога, бидејќи во многу наврати со соопштение испратено до медиумите и објавено на нашата веб страница поттикнавме и укажавме на законската обврска, рече Димитровска во интервју за ТВ 24.

Во однос на овие шест пратеници кои не го испочитувале законскиот рок, таа наведе дека е отпочната постапка за поведување на прекршочна постапка.

– Јас можам да прочитам некои имиња кои воопшто немаат поднесено, меѓутоа во тек е испитување, голем број од овие функционери и немаа информација дека треба да достават електронски, доставуваа во хартиена форма… Според моите податоци со кои располагам нема никаков поднесок Петар Ристевски, Миле Цеков, Федите Хаџиу има уште рок, и Ељми Азили, ова се пратениците од новиот состав кои се уште немаат поднесено ниту во хартиена форма, ниту се пријавени во електронскиот систем, рече Димитровска.

Прашана околу случајот со поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, за која ВМРО-ДПМНЕ има поднесено претставка дека поседува хациенда и постојано одржува прес-конференции, а за што Петровска веќе имаше судски спор што таа го доби и докажа дека таа хациенда не била на нејзино име, дали повторно сега ДКСК ќе работи на таа претставка, Димитровска одговори потврдно.

Прочитајте и:  Мицкоски: Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во Парламентот, ќе се покаже кои се пратениците

– Во делот на испитување на имотната состојба којшто сите избрани и именувани лица имаат обврска електронски да се пријават на системот на ДКСК согласно таквите податоци имаме обврска и донесен е годишен план за проверка на имотна состојба. Во тој годишен план е утврдено дека ќе се  испитува имотот на следните категории на функционери: четири судии и обвинители, три функционери од областа на здравството, четири градоначалници и членови на совет, три директори на јавни претпријатија и акционерски друштва. Покрај оваа бројка, ова е мал број на испитувања на имот, секако дека предмет на испитувања ќе бидат и ваквите актуелни предмети кои имаме обврска да ги отвориме и по допрен глас, односно по сопствена иницијатива и на друг начин обезбедени податоци, подвлече Димитровска.

Согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси избраните и именуваните лица (член 82 и член 85) имаат обврска да достават изјава за имотна состојба и интереси и промена на имотната состојба на интересите во електронска форма, во рок од 30 дена од изборот/именувањето, односно промената во имотната состојба и интересите. Печатена копија од изјавата се доставува до писарницата на ДКСК.  Изјавата за имотна состојба и интереси се пополнува и доставува и преку електронскиот систем за имотна состојба.

- Реклама -