Самир ќе игра во првиот состав против Македонија

Хрватските медиуми на два дена пред одигрување на натпреварот во Скопје, навестуваат дека новиот член на „Коцкастите“, Бразилецот со хрватски пасош Самир, би можел да добие место и во стартниот состав.

Ова во дел од хрватската јавност е оценето како класична услуга што Штимац би можел да му ја направил на првиот човек на Динамо Загреб, Здравко Мамиќ, пред зимскиот преоден рок, за да се зголеми цената при евентуалната продажба на Самир.

Лоби групата од Динамо Загреб долго време го убедуваше и поранешниот селектор на Хрватска, Славен Билиќ, да го повика Самир во националниот тим, но тој не го стори тоа, а еве Штимац веднаш одговори со повик за офанзивниот играч за врска, кој би можел да игра во средниот ред, со Дарио Срна од десната и со Иван Перишиќ од левата страна, како поддршка за единствениот напаѓач Марио Манџукиќ.

Секако, во позадина како креатор на играта би делувал Лука Модриќ, а зад него како коректор и Огњен Вукојевиќ. На голот стандарден е Стипе Плетикоса, на централните дефанзивни позиции треба да бидат Чорлука и Шимуниќ, на десната бековска позиција Вида, а како лев бек да делува Стриниќ.

Но, Штимац има и многу други варијанти што би можел да ги употреби, тука во сериозна комбинација влегуваат и Крањчар, Ракитиќ и Едуардо, исто како и можноста да се одигра со двајца напаѓачи, па место крај Манџукиќ да добие и Никица Јелавиќ, златното момче од првиот меч со Македонија во Загреб.

Хрватската репрезентација утре треба да допатува во Скопје, ќе биде сместена во хотелот „Гранд Плаза“ крај Педагошкиот факултет, а утревечер ќе го одржи и планираниот тренинг на арената „Филип Втори“.

- Реклама -